Актуелно

Горан Теменугов: Вози, Мишко!

15 Jun 2022

Сензационализам VS реални економски проблеми

Пишува: Горан Теменугов, економски новинар

Многу често во оваа наша Македонија како граѓани сме изненадени, но ретко и навредени. Исто така, често знаеме дека работите не се како што треба, но кога тоа ќе го слушнеме од некој што доаѓа отстрана, имаме два типа реакции. Првата најчесто е: ете, сите знаат колку не нè бидува и ни е лошо, а втората е: ај нека си ја гледа работата, ние си знаеме најдобро за нас.

Изјавата на нобеловецот по економија Пол Кругман дека ако сакаме да имаме повеќе инвестиции, треба прво да ги поправиме патиштата, беше на големо пренесена од медиумите што имаат економски редакции. Тој со една реченица успеа да го фрли во сенка целиот Скопје економски финансиски форум – СЕФФ 2022. Иако овој Самит во дел од јавноста е познат и како можност власта повеќе да се пофали за своите резултати отколку да се изградат ставови за идни економски политики зад кои ќе застане дури и опозицијата, сепак, некако не ми беше очекувано една изјава, без разлика што е и од нобеловец, да го засени овој собир.

Ваквата потрага по моментална сензација и задоволување на потребата да се укаже колку нешто не е направено во минатото, а да не се посвети посериозно внимание на расправите на Самитот, кој беше посветен на решенија за кризата и како по неа, покажува дека јавноста воопшто не е свесна дека ни претстои екстремно тежок економски период. Ако на ова се додаде и константната политичка нестабилност и нефункционалност на институциите, ушите ќе требаше да ни бидат сериозно начулени за да сфатиме што се зборуваше на Самитот.

Главната тема треба да биде дали економските политики во изминативе неколку кризни години ќе ни овозможат полесно да се справиме со последиците на сегашното економско цунами.

Несвесноста дека заврши тридецениската идеја за благосостојба, пораст на економијата и неограниченоста на слободниот пазар, што во превод значи сосема ново редефинирање на светскиот поредок и економија, нè остава на слеп колосек од главните светски случувања и преструктурирања. Додека се занимаваме со изјавата на Кругман, нашата држава, но и ние како граѓани си се однесуваме како возачот на автобус Мишко од култниот филм „Кој тоа таму пее“ на Слободан Шијан, каде што тој вози со заврзани очи од чиста желба на татко му да му докаже дека неговото дете е способно за тоа.

За жал, ние, граѓаните, не сме уплашените патници, туку синот Мишко Крстиќ и се занимаваме со споредни работи и низ реалноста се движиме со заврзани очи, секако, овозможено од политичките партии кои се синоним за таткото, кондуктерот Крстиќ.

Дека целосно сме надвор од секоја допирна точка со реалноста, говори и немањето ниту една посериозна јавна расправа за предлог-ребалансот на буџетот кој влезе во собраниска процедура. И во услови на криза, ребалансираниот буџет е поголем од иницијалниот за 2022 година и тоа за 5,9 насто, додека пак за плати и надоместоци на 132.088 вработени во јавниот сектор се планираат дополнителни 36,1 милиони евра во споредба со 2021 или вкупно 540,3 милиони, што е 11,5% од целиот буџет.

Додека се планира ем повеќе да се троши, ем повеќе да се даваат плати на административците, ем 695 милиони евра што ги немаме да ги позајмиме за да ги потрошиме, во јавноста централна тема е дали патиштата ни се добри. Да, тоа е важно, да тоа го кажа еден нобеловец... сепак, главната тема треба да биде дали економските политики во изминативе неколку кризни години ќе ни овозможат полесно да се справиме со последиците на сегашното економско цунами.

Но, зошто не се наметнува оваа тема во јавниот живот.

Една од причините е тоа што нема критична маса која ќе постави во јавниот простор интерес за реалните економски проблеми. Но, поголемата вина е кај партиите кои од свои себични причини не сакаат да дебатираат. Ако се отвори дебата, порано или подоцна ќе се дојде до заклучок дека ни претстојат тешки времиња. Ќе се зборува дека ќе треба сериозно да се кратат расходи во буџетот и ќе мора да заврши ерата на ниски даноци и на големи буџетски субвенции за граѓаните и за фирмите. Едноставно, ако се отвори дебата, сите партии ќе мора јавно да се изјаснат дали во блиска иднина ќе го напуштат популизмот.

За да не се стават во ваква непријатна позиција, затоа е најлесно да се зборува за изјавата на Кругман, а ние да возиме како Мишко, со поддршка на таткото кондуктер Крстиќ.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...