Пишува: Горан Теменугов
Дојде и 2021 година. Се надеваме дека ќе се ослободиме од пандемиската 2020 и дека во овие 365 дена полека ќе се вратиме во нормала. Ја очекуваме вакцината со иста надеж како и надежта што интимно ја имавме точно на полноќ меѓу 31.12.2020 и 1.01.2021 година. Во тие моменти верувавме дека во годината во која стапнавме добрата самовила ќе ни ги исполни желбите, пред сè, да сме здрави, живи и среќни. Веројатно и нашите политичари ги имале истите желби, но и една повеќе. И тогаш, со сите сили ќе тргнеме напред за да имаме квантен економски скок.
Веројатно добар дел од тие политичари мислеа дека добрата самовила волшебно, некако ќе направи и Охрид, знаете оној бисер на Балканот, да не отиде на листата на загрозено културно и светско природно наследство на УНЕСКО. Веруваа така политичарите дека дивоградбите покрај самиот брег на езерото ќе исчезнат, а природата веќе нема да биде загрозена од дивата, каубојска узурпација на сите површини околу Охридското Езеро.
А на дел од нашите политичари, без да ја молат, добрата самовила им се јавила и им кажала дека е умно да го повлечат Законот за минерални суровини од собраниска процедура и за него да се отвори јавна расправа каде што ќе се вклучат граѓанскиот сектор, организациите на рударите и политичарите. Во овој случај самовилата им кажала колку и да има моќ во нејзиното волшебно стапче, нема да може да им ја исполни желбата и да се усвои Закон кој би функционирал на теренот.
А токму кај нас, нашите политичари се надеваат на помош од странство, на чудесна амнезија на меѓународни организации и на тоа дека стравот, а не полјакот, лозјето ќе го чува.
Но, веќе се прашувате што ги спојува вакцините, извештајот на УНЕСКО за Охрид и еден Закон за минерални суровини. Не поверувавте дека самовилата им е заедничко нешто.
Заедничкото на овие три работи што на прв поглед не се поврзани им е тоа што најпластично, најдобро опишуваат колку во оваа држава Македонија ништо не функционира. Колку институциите се разорени и не се подготвени да спроведат основни операции да го одржат системот во живот, барем на ниво на амеба.
Околу вакцините, кои нели значат крај на пандемијата и враќање на животот и економијата во нормала, Владата се потпираше на верувањето дека некој од странство, дали од Грција, Полска, Србија, Бугарија или други членки на ЕУ, ќе ни дадат одреден број вакцини. Целосно нè изненади, нè затече суровата борба меѓу земјите за секоја единица од вакцините. Дури ние како држава ја потрошивме цела 2020 и не знаевме дека требаше да смениме закон со кој директно ќе можевме да преговараме за набавка на вакцините.
Исто така, политичарите и институциите веруваа дека предупредувањето од УНЕСКО е ситна работа. Дека некако само од себе ќе исчезне и дека тоа што ветивме дека ќе го поправиме во Охрид, некој ќе го заборави. Е па, не се случи тоа.
А за Законот за минерални суровини, кој е повлечен од собраниска процедура, на отворена сцена беше кажано дека државата нема капацитет преку своите инспекции да обезбеди негово спроведување. Односно, ќе воведуваат порестриктивни одредби за да се заплашат компаниите бидејќи само стравот, а не навремена и длабинска контрола преку надлежни и добро обучени инспекции, би требало да ги држи концесионерите да не ги загрозат животната средина и здравјето на населението.
И да се вратиме на самовилите. Во моето детство, некаде прочитав дека во куќата на мрзливиот само соништата се множат. А токму кај нас, нашите политичари се надеваат на помош од странство, на чудесна амнезија на меѓународни организации и на тоа дека стравот, а не полјакот, лозјето ќе го чува. Многу намножени соништа. Добре дојдовте во 2021 година.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.