Според првичниот предлог, извесно е дека само трговијата на големо нема да работи во последниот ден од седмицата
Пишува: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk
Владата со закон ќе прогласи недела да биде неработен ден – дилемата е, за кого? Додека низ министерските кабинети се „крчкаат“ предлозите за новото законско решение, јавноста се подели на „за“ и „против“. „За“ се работниците и синдикатите, „против“ дел од работодавците. Коморите, пак, балансираат барајќи да не се избрзува, туку одлуката добро да се премери пред да се донесе.
Трговскиот сектор е меѓу најзасегнатите од евентуалната одлука да не се работи во недела. Но, додека го подготвуваме текстот, а пред Владата да донесе одлука, дојде поконкретна информација од министерот за економија Крешник Бектеши. Токму Министерството за економија е надлежно за секторот трговија, како и за угостителството, туристичката дејност и занаетчиството.
Во моментот сме при крај со анализата. Ќе отвориме дискусија. За туристичките агенции и угостителите, најверојатно ќе остане постојното решение до средината на наредната година, а за Законот за трговија се прават неколку опции, посебно за трговијата на големо каде што ќе има одредени измени, но тие нема да бидат веднаш зашто треба да бидат информирани сите бизниси во земјава. Секако, треба првично да бидат информирани и во соработка со стопанските комори да се донесат такви решенија, изјави Бектеши.
Односно, идејата е малите продавници да работат во недела, но не и трговијата на големо - големите супермаркети и магацини. За нив се предвидени некои опции, а конечниот збор треба да го каже Владата, откако на седница ќе се разгледаат предлозите што ги дава секое министерство поединечно. По оваа најава, големите трговски синџири не излегоа со коментари за тоа како ќе им се одрази евентуално ставање клуч на вратите во недела.
Два наши маркети работат во недела со полно работно време, два воопшто не работат, а останатите пет се отворени во една смена. Ако продавниците не работат во недела, сметам дека тоа ќе го намали прометот, а и ќе нема потреба од толку вработени. Можно е да има отпуштања – Зонка Манчева, сопственичка на „Црвена ружа“-Струмица.
На некои од трговците неделата им е неработен ден уште од лани. Таков е примерот со „КИТ-ГО“ и „Тера маркети“, чии продавници се затворени во недела. Опфатени се над 900 вработени во 54 нивни продавници во земјава.
Други синџири работат, трети се приспособуваат на потребите на секоја локација за маркет. Таков е примерот со „Црвена ружа“ од Струмица, кои имаат девет маркети, а во план е отворање на десеттиот.
Два наши маркети работат во недела со полно работно време, два воопшто не работат, а останатите пет се отворени во една смена. Ако продавниците не работат во недела, сметам дека тоа ќе го намали прометот, а и ќе нема потреба од толку вработени. Можно е да има отпуштања. Не конкретно кај нас, нам работниците ни се потребни за новиот маркет, но општо, можно е. Како и да е, реперкусии се очекуваат врз бројот на вработени и врз прометот, вели Зонка Манчева, сопственичка на „Црвена ружа“-Струмица.
Стопанската комора на Македонија побара, поради кризата, примената на Законот да се одложи за најмалку една година, односно да се остави време за бизнисот да закрепне. Оттаму сметаат дека ако се воведе недела како неработен ден, тоа ќе влијае врз продуктивноста и конкурентноста на компаниите.
Од Стопанската комора на Северозападна Македонија, пак, укажуваат дека е важно да нема непосакувани странични ефекти.
Владеење на законот и правото ќе биде единствениот механизам кој ќе ја штити економијата од нелојалната конкуренција. Затоа треба да се има предвид дека воведувањето на овој закон може да има и негативни ефекти, дури и може да ја поттикне нелојалната и сивата економија. Целосна и неселективна примена на законот треба да биде предусловот кој треба да ѝ претходи на оваа промена. Поради пандемијата на Ковид-19, се наоѓаме во тесна ситуација со приходите во државната каса и не би сакале ништо негативно да влијае врз буџетските приходи, како што се приходите од данок на добивка, кои веќе се во ниво од 14% пониски од претходната година. Затоа, доколку се одлучи да се воведе неделата како неработен ден, треба да се има предвид дека не смее економијата дополнително да се оштети, туку напротив, да се создадат предуслови кои ќе ги задоволат потребите на работната сила, но и на самите бизниси, ни изјавија од Комората.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), кој и ја покрена иницијативата за прогласување на неделата за неработен ден, не е задоволен од парцијални решенија – како што е предлогот продавниците на мало да работат, а големите да се затворени. Оттаму соопштија дека такви измени на Законот за работни односи ќе бидат безначајни. Од Конфедерацијата на слободни синдикати, пак, побараа секој што ќе работи во недела да добива екстра 50 насто повисока дневница.
Во сите земји каде што е прогласена неработна недела, тоа не важи за дејностите што се од витално значење за функционирање на државата - здравството, полицијата, противпожарните служби, комуналните служби, кои се под ингеренции на општините и други дејности.
Во регионот, искуствата се различни. Црна Гора воведе казна до 10.000 евра за продавниците што ќе отворат во недела. Законот дозволува и трајно затворање на објектот. Во Словенија, продавниците исто така не работат во недела, но тамошната Трговска комора пред извесно време најави дека ќе покрене иницијатива пред Уставниот суд за преиспитување на уставноста на Законот за трговија.
Што се однесува до практиката во Европа, ЕУ им препушти на своите земји-членки работното време на продавниците да го уредат врз основа на своите традиционални, културни и верски потреби. Продавниците во недела не работат во 9 европски земји, меѓу кои се Франција, Германија, Австрија, Полска, Словенија, Италија.
Доколку се одлучи да се воведе неделата како неработен ден, треба да се има предвид дека не смее економијата дополнително да се оштети, туку напротив, да се создадат предуслови кои ќе ги задоволат потребите на работната сила, но и на самите бизниси -Стопанска комора на Северозападна Македонија
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.