Работење

Антонио Зрилиќ: Десет начини за враќање на мртвите залихи во живот

28 фев 2020

Ако го набљудувате зголемувањето на некурентните залихи и се чувствувате беспомошно, во овој и во следниот број ќе ви претставам десет идеи, за да ви помогнам да почнете да ги претворате во готовина

Автор: Антонио Зрилиќ, „Логико“ 

Во една компанија ме шокираа со податокот дека во еден момент имале повеќе од 40% мртви залихи во вкупната структура на залихи. Меѓутоа, пред да им поверувам ги прашав како ги дефинираат мртвите залихи. Откако го опишаа своето видување за тоа што се мртви залихи, испадна дека можеби и не е сè толку црно. Значи, битна е и дефиницијата за тоа што се тие. Секоја компанија може да донесе сопствена дефиниција, но генерално може да се земе, на пример, дека мртви залихи се тие што не се придвижиле повеќе од една година (со други зборови имаат коефициент на обрт нула - добро, помалку од еден).

Во еден од претходните текстови нагласив дека една од најважните работи во управувањето со некурентните залихи е нивно редовно решавање. Ако не ги решавате редовно, но и ако го правите тоа, ќе се случи, од различни причини, некурентните (односно мртвите) залихи повторно да се појават.

Кај еден клиент, кај кого имавме работилница, зборувавме за тоа како да се идентификуваат некурентните залихи и како да се решат, па еден учесник се јави и рече: Да, ние годинава направивме многу во поглед на некурентните и мртвите залихи и сега кога го решивме тоа, нема потреба премногу да разговараме на таа тема. Мојата реакција беше дека тие можеби ги решиле некурентните залихи што се појавиле во претходниот период, но тие повторно ќе се појават. Бидејќи со секој влез на стока која се набавува за своите продавници и купувачи влегуваат и идни некурентни залихи, само што тогаш не го знаеме тоа. И тоа е нормална ситуација, мораме да се справиме со нив и да ги решиме најдобро што можеме. А тоа што може да го направиме е да се обидеме да го редуцираме влезот на потенцијални некурентни залихи, и ако веќе влезат, да ги идентификуваме и да ги решиме пред да станат некурентни или мртви.

Така, ако го набљудувате зголемувањето на некурентните залихи и се чувствувате беспомошно, во овој и во следниот број ќе ви претставам десет идеи за да ви помогнам да почнете да ги претворате во готовина.

1. Трпение и упорност

Во оваа ситуација не сте се нашле преку ноќ, така што не може да излезете од неа преку ноќ. Појавата на мртвите залихи често доаѓа заедно со проблемите од паричниот тек (Cash-flow) и инстинктот ќе ви наложува да барате брзо решение. Меѓутоа, решението се наоѓа во упорниот и постојан труд, кој ќе овозможи конзистентност на резултатите.

Учиме од мудриот војник Сун Цу: Планирај го тоа што е комплицирано додека е уште едноставно. Прави го тоа што е големо додека сè уште е мало. Најтешките нешта во светот мора да бидат направени додека се лесни, најголемите нешта во светот мора да бидат направени додека се мали. Мудрите никогаш не го прават тоа што е големо и затоа можат да ја постигнат големината.

Првиот и најважен чекор е воспоставување разумни, достижни очекувања кои се можни во одреден временски период. А второ нешто што е важно е да се прават многу мали чекори, како што е и според каизен принципите - континуирано подобрување.

2. Прекинете го крвавењето

Постојат многубројни можни причини за постојано таложење на мртвите залихи. Ако можете да ги идентификувате причините за појавата на тие залихи и да ги отстраните, направете го тоа. Како што хирурзите кога на операциона маса се обидуваат да го запрат крвавењето на пациентот, бидејќи ако тоа не го направат тоа брзо, може да го изгубат пациентот. И вие, кога ќе видите дека во вашите процеси нешто не е во ред и дека залихите постојано се зголемуваат, односно повеќе влегуваат отколку што излегуваат, треба пред сè да откриете зошто се случува тоа. Доколку не го направите тоа брзо, вашиот труд во решавањето на некурентните залихи ќе личи на Сизифовиот - токму кога ќе мислите дека сте решиле некои од некурентните залихи во меѓувреме се наталожуваат други. Во едно од следните продолженија детално ќе зборуваме како да се пронајдат вистинските причини за преголемите залихи и кои методи можат да се користат за тоа.

Меѓутоа, постои можност да не можете сами да се справите со овој проблем. Имено, да можевте, веќе ќе ги имавте решено причините за мртвите залихи кога биле многу помал проблем. Колку и да изгледа тежок овој проблем, не треба да дозволите да ве парализира. И да, додека го решавате тој проблем, некој друг останува занемарен или, пак, трпат вашите продажни активности поради тоа.

Битно е да ги препознаете и да ги признаете овие факти јасно и трезвено и да побарате професионална стручна помош, која може да ви помогне да го спречите крвавењето. „Логико“ веќе со години им помага на компаниите во такви и слични предизвици.

3. Можам ли да ги вратам?

Сите може да сведочиме дека многу пати сме пропуштиле да го направиме овој чекор од мрзливост или поради стравот од компликации (непријатност со доставувачите, организација на транспортот, комплицирани царински процедури и дополнителни трошоци). Меѓутоа, ако го запоставиме додека е уште мал, овој ѕвер (мртвите залихи) подоцна ни се враќа со многу поголема сила и обем. Да се сетиме што ни порача Сун Цу...

Дали може да ги вратите залихите кои не ви требаат? Никогаш нема да дознаете ако не прашате. А ако цврсто го поставите и структурирате вашето барање како win/win предлог, повеќето доставувачи нема лесно да ви кажат не. Што вредно може да им понудите на доставувачите во замена за нивната помош? Можеби вашата нова нарачка, пробна нарачка за некој нов производ или програма од вашиот доставувач, можеби зголемен удел во вашето работење. Почнете дијалог, покажете му ги на вашиот доставувач залихите на кои седите - можеби тој има аутлет-продавници каде што може да ги продава или познава некој друг дистрибутер кој би сакал да ги набави токму тие производи, и тоа поевтино. Бидете јасни дека ова ваше барање е еднократно, а не дел од нови стандардни оперативни процедури. Можеби е најдобро што тие можат да даваат посебен попуст за распродажба, или дополнителен попуст при следната нарачка. Ова во секој случај може да помогне околу подобрување на паричниот тек.

Во следниот број ќе пишувам за тоа како да се ослободите од мртвите залихи низ сегментација.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...