Човечки ресурси

Нови основи за свет без граници

31 Aug 2023

Иако поголемиот дел од работодавците веруваат дека приспособувањето на бизнис-моделот на работа е клуч за успехот, само 24 отсто од нив се подготвени да ги воведат потребните промени.

Извор: „Делоит“, www.deloitte.com

Три години по пандемијата работодавците сè уште се соочуваат со голем број технолошки, економски и општествени промени, кои влијаат врз работата на вработените. Истражувањето на „Делоит“ – „Глобални трендови во областа на човечките ресурси за 2023 година: нови основи за свет без граници“ нуди анализа за тоа како работодавците управуваат со наведените промени и како нивните компании функционираат во средина што постојано се менува.

Испитаниците што се опфатени со истражувањето, меѓу кои се повеќе од 1.500 менаџери и членови на управа, се свесни дека постепено исчезнуваат традиционалните модели на работа – организација на работата, работно опкружување и потребни квалификации за специфични улоги. Сепак, додека многу од нив ја разбираат потребата за дефинирање на новиот модел на работа (87 отсто од испитаниците велат дека пронаоѓањето на вистинскиот модел на работа е исклучително важно за успехот на нивната компанија), само 24 отсто од нив сметаат дека нивните организации во голема мера се подготвени да се позанимаваат со таа тема. Освен тоа, 59 отсто од испитаниците изјавиле дека во периодот што следува допрва ќе го насочат вниманието на преобликувањето на моделот на работа во компанијата.

Работната сила, организациските и кадровските прашања и понатаму остануваат во фокусот на директорите и на членовите на управните одбори. Резултатите од извештајот „Глобални трендови во областа на човечките ресурси за 2023 година“ ги потврдуваат приоритетите што ги уочивме во текот на претходните години. Исходот не е изненадувачки, со оглед на тоа што многу истражувања и деловни практики укажуваат на тоа дека раководителите примарно треба да се фокусираат на две клучни области – управување со луѓето и управување со паричниот тек. Квалитетното управување со двете наведени области е услов за успешно менаџирање со сите други сегменти на работењето, а со тоа и со успехот на компанијата, вели Надежда Недиќ, раководител на секторот за бизнис-консалтинг во „Делоит“ – Србија.

Строгите дефиниции на работните места можат да ја ограничат способноста на компаниите да бидат агилни и иновативни, во контекст на промените со кои се соочуваат.

Реосмислување на работата – крајот на работните места

Иако денес работата првенствено е дефинирана преку хиерархиската структура, описот на работното место и специфичните задачи, истражувањето на „Делоит“ за организациите засновани на вештини, укажува на фактот дека сè помал број испитаници (19% работодавци и 23% вработени) веруваат дека тоа така би требало и да остане. Тоа го одразува она што многумина веќе и го гледаат на своите работни места – вработените сè повеќе време поминуваат фокусирани на тимски и проектни задачи, кои не се дел од описот на нивното работно место.

Иако работните места и понатаму се примарен начин преку кој ја дефинираме работата, тие не се единствениот. Строгите дефиниции на работните места можат да ја ограничат способноста на компаниите да бидат агилни и иновативни, во контекст на промените со кои се соочуваат, истакнува Недиќ, и додава: Со преминот на пристапот заснован на вештини, компаниите можат да го отклучат целосниот потенцијал на работната сила и да создадат работна средина во која вработените ќе имаат повеќе избор, поголема автономност и отворен простор за развој на кариерата.

Со промената на идеите за тоа како тимовите да ги направат најпродуктивни, организациите трагаат по начини за промена на моделите на работа и откриваат нови методи за поширок ангажман на вработените во создавање нови вредности за компанијата. Во тој контекст, особено важни се креирањето иновации и унапредувањето на деловните процеси. Високи 93 проценти од испитаниците изјавиле дека поместувањето на фокусот од работните места е важно или многу важно за успехот на компанијата. Сепак, само 20 проценти од нив сметаат дека нивната организација во голема мера е подготвена да се фати во костец со тој предизвик.

Со доделување јасни одговорности на вработените, работодавците треба да им отстапат дел од контролата и да им ја препуштат можноста за преобликување на организацијата на работата и работните задачи.

Редефинирање на моделите на работа

Во денешниот поврзан онлајн-свет, свеста на јавноста за влијанието на корпорациите врз општеството има сè поголема улога во одлуките на работниците за тоа каде сакаат да работат. Според истражувањето на „Делоит“ за милениумците и припадниците на генерацијата Z, двајца од 5 припадници на овие генерации одбиле работа или работен ангажман бидејќи не биле во согласност со нивните вредности. Наспроти тоа, компаниите што работат со јасна визија и мисија од тоа имаат значителна корист – повисока стапка на задржување на вработените и позадоволни вработени.

Работниците во развиените земји денес имаат поголемо влијание врз работното опкружување од кога било досега. Тие покажуваат подготвеност да го искористат тоа за обликување на начините на кои ги извршуваат работните задачи. За компаниите да бидат успешни на пазарот на трудот, би требало постепено да го менуваат моделот на работа. Со доделување јасни одговорности на вработените, работодавците треба да им отстапат дел од контролата и да им ја препуштат можноста за преобликување на организацијата на работата и работните задачи, заклучува Недиќ.

Работата во иднина

Со оглед на тоа што базата на вработени расте и развојот на технологијата постојано се забрзува, компаниите го преиспитуваат концептот на работно место како физичка локација. Тоа е концепт кој е под зголемен притисок уште од периодот на пандемијата, односно уште пред пандемијата со зголемената популарност на дигиталниот пристап за работа. Освен тоа, испитаниците наведуваат дека зголемениот ангажман и благосостојбата на вработените се меѓу најзначајните предности за пристап до идното работно место.

Барањата за промена на моделот на работа се повик за работодавците да се развиваат во чекор со своите вработени. Важноста од разбирањето на овие трендови е во директна врска со успешното водење на компанијата. Тоа го потврдуваат 94 отсто од испитаниците, кои сметаат дека вештините и ефективното водење се важни за успех на компанијата. Меѓутоа, само 23 отсто од испитаниците веруваат дека нивните работодавци имаат способност за успешно водење на организацијата низ денешното дисруптивно опкружување. Овој јаз за способноста на работодавците веројатно е последица од различните перспективи за моделот на работа.

Целото истражување „Глобални трендови во областа на човечките ресурси за 2023 година“ може да го преземете тука:



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...