Човечки ресурси

Избрани

05 апр 2023

И птиците на гранка знаат дека луѓето заминуваат, мигрираат, бегаат како мува без глава. Значи, снемува луѓе. Па бизнисите тргнаа да се борат како знаат и умеат да ги задржат луѓето во државата и во компаниите. Секој, како знае и умее. Некои успешно, некои не, но борбата трае

 

 Пишува: Ениса Селмановиќ – Салкиќ, основач и извршна директорка на агенцијата „Консултор“ www.consultor.ba, enisa@consultor.ba

Веќе некое време зборувам (а, слабо кој ме слуша) дека се промени ситуацијата на пазарот на трудот. Како се промени? Критично и целосно. Се смени основната премиса околу која целиот пазар функционираше. Порано одбираа работодавците, сега одбираат работниците. Да, знам. Тешко е да се прифати. Но тоа е реалноста.

Порано работодавците одбираа работници, сега работниците одбираат работодавци. Е, сега кога го утврдивме тоа, одиме понатаму.

Како дојде до тоа? Па фино. Тоа е одговорот. Транзицијата фино се случи. Малку и короната помогна, но за тоа другпат.

Значи, и птиците на гранка знаат дека луѓето заминуваат, мигрираат, бегаат како мува без глава. Значи, снемува луѓе. Па бизнисите тргнаа да се борат како знаат и умеат да ги задржат луѓето во државата и во компаниите. Секој, како знае и умее. Некои успешно, некои не, но борбата трае. 

Во таа борба, се смени распоредот на силите и моќта на преговарање премина од работодавецот на работникот. Бидејќи не само што треба да се задржат постојните, туку треба да се уверат и нови работници да работат кај вас, а не во некоја таму ладна Германија или Данска. Моќта на парите брзо се троши и неколку стотици денари не прават веќе никаква разлика. Важно е, секако, но сите ги одврзаа ќесињата и нудат пари, така што работниците сегашни и идни сакаат нешто повеќе. Дрски едни, бараат преку леб погача, како само се осмелуваат, им дадов пари, свои пари, бла, бла, бла.... Жал ми е. Ќе морате да се потрудите малку повеќе.

Што кога парите не се доволни? Што кога не е доволно да промавтате со нив и сѐ да биде решено? Размислете, разговарајте, гледајте повисоко и пошироко, погледнете како прават другите,  посоветувајте се, разменувајте искуства – само тргнете се од тоа дека парите сѐ ќе решат. Ќе решат еден мал дел, баш мал.

Прво, морате да бидете опкружување во кое луѓето ќе се чувствуваат добро. Баш добро. Во кое им е убаво. Каде што се радуваат да дојдат и да го поминат времето. Каде што го даваат најдоброто од себе за да остварат резултат, да смислат нешто сјајно и да го унапредат вашиот бизнис. Ќе работат и повеќе од што треба, ќе имаат најдобри идеи и најдобри резултати – само ако се чувствуваат убаво. Тоа чувство нема да се случи ако бојадисате три ѕида во весели бои и ставите два фикуса.

Тоа чувство ќе се случи ако нема викање и караници, ако над глава не му стојат закани и казни во секој момент, ако со луѓето се разговара фино и често, ако им се искажува почитување и разбирање. И така натаму....

Второ, морате да бидете опкружување кое ги развива луѓето. Паметни, способни, амбициозни не сакаат со години да работат една иста работа и да се чувствуваат како заглупавуваат и им се гаси ентузијазмот. Не сакааат, па макар ги плаќале милиони.

И тоа не значи дека треба да ги праќате на какви било семинари и што јас знам, туку да ги следите и да видите што знаат, што не знаат, да ги засилувате нивните компетенции, да ги прашате во која насока би сакале да напредуваат, да им понудите опција која е добра и за нив и за бизнисот и така да ги развивате, а тие ќе растат и сѐ што е вложено ќе го вратат тројно повеќе.

Да напоменам само, луѓето не се развиваат така што им давате инструкции што да направат и како да го направат тоа. Така се прават послушници и кимоглавци.

Трето, колку имате луѓе – толку имате пристап. Сите луѓе се различни, а вашата задача е да бидете исто, но сепак – малку различни.

Исти – тоа значи дека треба да бидете тоа што сте, со вашите вредности и вашиот карактер.

Различни – својот пристап да го приспособувате на секој од своите луѓе, за секогаш да можете јасно да процените што им треба и тоа да им го дадете. За да можете секогаш јасно да видите како се чувствуваат, дали се мотивирани или демотивирани и во тој правец да дејствувате. Приспособувајте се како камелеон. Знам, не е лесно. Но вреди.

Четврто, не откажувајте се. Не е работата сето погоре напишано да го направите само еднаш, и тоа да е тоа. Па или сте успеале или не сте. Сѐ тоа и уште многу повеќе треба да правите постојано. И постојано да барате нови начини како да го унапредите опкружувањето, како да го забрзате развојот, како подобро да слушате и подобро да реагирате.

Луѓето се менуваат, околностите се менуваат, затоа вие постојано мора да бидете будни и на готовс, секогаш на изворот на информациите и секогаш, баш секогаш во отворена комуникација со своите луѓе. На крај, па тоа ви е работа.

Работете.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...