Локално

Филип Лунески: Верувам во труд, упорност, желба и енергија

20 Feb 2017
Филип Лунески, менаџер на категории и одговорен за хорека-сектор за Србија и за Црна Гора во „Молсон корс"

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

 

Од „карате кид" до маркетер

Светот на малечкиот Филип се вртел околу две работи – карате и глума и во тој свет Филип себеси се гледал во улога на акционен херој на филмското платно. Не дека одвреме-навреме и сега не ми доаѓа таа идеја smileyсо насмевка почнува да ни ја раскажува својата животна и професионална приказна Филип Лунески, денес успешен менаџер во „Апатинска пивара", која е членка на групацијата „Молсон корс". Како што минувале годините, работите се менувале, а каратето останало да биде негова љубов, да го обликува неговиот карактер и со вредностите што ги инспирира да влијае врз неговиот животен стил. 

Израснат во духот на комерцијалните влијанија од Западот, во времето кога ги формирал своите интереси, Филип од родителите бил насочуван кон модерни и прогресивни содржини и отсекогаш верувал дека еден ден ќе живее надвор од Македонија. Благодарение на моите родители, уште како мал имав привилегија да патувам во различни земји и да ја сфатам убавината и вредноста на патувањето, вели тој и додава дека кулминација на оваа насоченост и отвореност кон надвор била одлуката да студира во странство, за која и ден-денес смета дека е најдобрата одлука во неговиот живот. 

Црн појас за маркетинг

Професионалната кариера Филип ја почнал како маркетинг-практикант во групацијата „Комтрејд" во Белград. Таму останал девет месеци, додека не добил информација дека „Кока-кола" бара нов член во својот маркетинг-тим и веднаш се активирал да ја добие позицијата: Во „Кока-кола" стекнав богато искуство на различни позиции. Ја имав привилегијата да работам на проекти и на кампањи, кои беа во склад со најновите трендови и случувања во светот на маркетингот. Бев дел од повеќе проекти, кои на некој начин испишаа историја во книгите по маркетинг на овие простори.

Кариерното „патувањe" во рамки на „Кока-кола" траело од 2009 до 2014 година. Во тој период Филип станувал свесен дека колку и да се развива и да учи човек, важноста на тоа е минимална, ако не успее да најде поголема примена на знаењата. Поради тоа, на повик од „Молсон корс", донел одлука да премине во тимот, кој имал цел да создаде стратегија за развој од регионален карактер, што за него било сериозен професионален предизвик.

Му биле потребни околу два месеца за детално да ги согледа сите сценарија на понудата. По консултации со најблиските луѓе и со луѓе од доверба во светот на бизнисот, одлучив да го направам трансферот. Тоа на што сум особено горд е односот што го имав и што сè уште го одржувам со целокупниот колектив на „Кока-кола", а од друга страна, и на начинот на кој ме прифатија новите колеги во „Молсон корс", вели Филип.

(Само)унапредување за напредување

Она што и денес го воодушевува Филип во компанијата во којашто работи, е што „Молсон корс" има визија да биде прв избор на потрошувачите и на партнерите, а задачата на неговиот тим е да ги пронајде и да ги понуди сите алатки, преку кои ќе се реализира оваа визија. Работењето е поделено на двата канала а продажба: „онтрејд" и офтрејд", а каналот што го води тој ги опфаќа сите угостителски објекти и места каде што производите се купуваат и консумираат.

Бидејќи трендовите константно еволуираат, задачата на мојот тим е да ги анализираме тековните резултати од програмите што сме ги осмислиле, да го анализираме развојот на трендовите, да ја следиме конкуренцијата, карактеристиките и однесувањето на потрошувачите, како и да осигуриме дека стратегијата е во склад со таа на партнерите, истакнува Филип.Од друга страна, неговата улога во стратешкиот развој се однесува на двата канала на продажба и на целиот асортиман, а главната намера е унапредување на целокупната пивска категорија преку едукација за различните карактеристики на пивските типови.

На прашањето кои особини треба да ги поседува една личност за успешно да работи на таа позиција, Филип вели дека неговата позиција е исклучително динамична и подразбира соработка со многу луѓе: Потребно е да имате способност да се приспособите на различни профили на луѓе, односно да знаете со кој начин на комуникација ќе добиете најдобри резултати од соработката. Поради природата на индустријата, која е брза, мора да активирате брзо темпо и ритам на размислување, работа, анализа, реакција и слично. За крај, мора константно да се следат најновите трендови, да се биде во тек со технологијата и со социјалните медиуми и најважното – да се најде примената на сите тие промени.

Што би им препорачале на колегите на кои ќе им се укаже слична можност да добијат функција надвор од Македонија?

Доколку работата што ве исполнува и ви нуди соодветна валоризација за квалитетите, е надвор од Македонија, моја препорака е примарно да ја испитате земјата и да ги согледате културата и менталитетот на луѓето. Тоа може да биде пресудно во некои бизнис-ситуации.

Не постои формула за успех

Човекот учи и се развива во текот на целата кариера, но според зборовите на нашиот соговорник, подеднакво се важни и самосвеста и самокритиката. Затоа, тој се труди да биде самокритичен и одвреме-навреме прави евалуација на сработеното, на начинот на работа и на тоа колку напредувал во споредба со минатото самооценување. Тоа ми помага да ја задржам скромноста и да знам дека сум на добар пат или, доколку сум скршнал од таа траекторија, бргу да се вратам на патот на успехот. Свесен сум кога грешам, но уверен сум дека и тоа е дел од „играта", истакнува тој.

Филип додава дека доколку очекувањата од работата не би биле исполнети, уште следниот ден би ја напуштил работата. Според него, најдобриот мотиватор е природата на работата и повикот да се биде подобар секој нареден ден: Доколку очекувањата се исполнети, неизбежно е дека постепено ќе влезете во зона на комфор, ќе почнете да ги намалувате ентузијазмот, енергијата и желбата да го дадете вашиот максимум. За мене, тоа е поголем пораз отколку да добиете отказ.

Како што се приближуваше кон крајот нашиот разговор, така повторно го свртевме кон минатото. Да се работи на страна сигурно е предизвик, но да се живее далеку од татковината знае да остави и празнина во душата. Да, секојдневно ми недостигаат работи од Македонија. Ми недостига Кичево, ми недостига „кичевијата" со сите нејзини автентичности, а особено кичевската духовитост. Ми недостига храната, моите другари, а најмногу ми недостигаат моите родители и најблиската фамилија,вели носталгично Филип.

Па, за да не завршиме носталгично, разговорот со Филип го заклучивме, барајќи да ни го каже неговиот клуч за успех. А тој вели дека за него успехот е релативна категорија и дека секој ја доживува на свој начин: Не постои формула за успех во бизнисот и во животот, но постои нешто што се вика труд, упорност, желба, енергија и верба. Освен тоа, се трудам да бидам и релевантен – за бизнис-опкружувањето, со инвестирање на максимумот од мојот капацитет и со желбата за личен развој, но и за моите најблиски, со инвестирање време, труд и емоции – безусловно!



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...