Свет

„Алибаба“ отвора „паметна“ фабрика во Кина

18 сеп 2020

Кинескиот интернет-гигант „Алибаба“ претстави пилот-проект на „паметна“ фабрика во градот Хангџоу, како дел од иницијативата за „паметно производство“.

Џек Ма, основач на „Алибаба“, во 2016 година го идентификуваше „новото производство“ како еден од петте тренда што ги нарече идни бизнис-можности на компанијата, покрај „новата малопродажба“, „новата технологија“, „новите финансии“ и „новата енергија“.

Најавувајќи го пилот-проектот на новата фабрика, „Алибаба“ објаснува дека ќе ги користи податоците што ги собира преку е-трговијата, пребарувањето и продажбата за да им помогне на брендовите да прогнозираат кои производи ќе бидат популарни и да ги пласираат во најкраток можен рок.

Како што се наведува во соопштението, со фабриката ќе управува „Ксанкси диџитал технолоџи“, интерен сектор на компанијата, а во првата фаза ќе соработува првенствено со производители на облека.

Фабриката го претставува и новиот чекор на „Алибаба“ надвор од сферата на интернетот. Во 2016 година компанијата ја отвори првата продавница од синџирот „Фрешипо“, што го означи и првиот чекор во физичката малопродажба на храна. Синџирот сега има стотици продажни места низ Кина.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...