Цените на нафтата вчера се зголемија на меѓународните пазари над нивото од 45 долари, поттикнати од неочекуваниот остар пад на американските залихи.
На лондонскиот пазар цената на барелот се зголеми за 67 центи во однос на претходното затворање и изнесува 45,17 долари. На американскиот пазар, барелот се тргуваше за 65 центи повисоко, на 42,26 долари.
Американскиот институт за нафта (АПИ) извести дека американските залихи на сурова нафта паднале за четири милиони барели минатата недела. Аналитичарите очекуваа поскромен пад, за 2,9 милиони барели.
Во извештајот се прикажани опаѓачки резерви на бензин и деривати. Официјалните податоци треба да бидат објавени во текот на денот.
Цените беа поддржани од пониската проценка на американското производство на нафта оваа година. Американската влада сега очекува производството да паѓа за 990,000 барели дневно, на 11,26 милиони барели на ден. Во јули проценката за падот беше 600.000 барели дневно.
Значителниот пораст на цените беше попречен денес од зголемената неизвесност поради одложувањето на разговорите за пакетот помош за закрепнување на американската економија од последиците од корона-кризата.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.