Свет

МОТ: Катастрофално губење на работните часови и вработувањето поради Ковид-19

08 Apr 2020

Пандемијата на КОВИД-19 има катастрофален ефект врз работните часови и примањата на глобално ниво. Новиот извештај на Меѓународната организација на трудот упатува на  дел од најтешко погодените сектори и региони и дава преглед на политиките за ублажување на кризата.

Кризата со КОВИД-19 се очекува да „збрише“ околу 6,7 проценти од работните часови на светско ниво во второто тримесечје на 2020 година – што би било еквивалентно на 195 милиони работни места со полно работно време.

Големи намалувања се предвидуваат во арапските земји (8,1 проценти, еквивалентно на 5 милиони работници со полно работно време), Европа (7,8 проценти, или 12 милиони работници со полно работно време) и во Азија и Пацификот (7,2 проценти, 125 милиони работници со полно работно време).

Се очекуваат огромни загуби кај различни категории според примањата, но особено во земјите со средно високи примања (7,0 проценти, 100 милиони работници со полно работно време). Ова значително ги надминува ефектите од финансиската криза од 2008-9 година.

Секторите што се под најголем ризик ги вклучуваат угостителските услуги за сместување и исхрана, производство, малопродажба и деловни и административни дејности.

Евентуалното зголемување на глобалната невработеност на крајот на 2020 година ќе зависи суштински од идниот развој на настаните и мерките во политиките. Постои висок ризик дека бројката на крајот на годината ќе биде значително повисока од првичната проекција на МОТ од 25 милиони.

Работниците и претпријатијата се соочуваат со катастрофа, како во развиените, така и во економиите во развој... Мора да делуваме брзо, решително и заеднички. Вистинските, итни мерки би можеле да направат разлика меѓу опстанок и колапс, изјави Гај Рајдер, генерален директор на МОТ.

Во моментов, повеќе од четири од пет лица (81 проценти) од работната сила во светски рамки (3,3 милијарди) се погодени од целосно или делумно затворање на претпријатијата.

Во Второто издание на Мониторот: КОВИД-19 и светот на работата, кој го објавува МОТ, ситуацијата со КОВИД-19 се опишува како „најлошата светска криза по Втората светска војна“. Ажурираните информации од истражувањето на МОТ, објавено на 18 март, вклучува секторски и регионални информации за ефектите на пандемијата.

Во согласност со новата студија, 1,25 милијарди работници се вработени во секторите што се идентификувани како сектори под висок ризик од „драстични и катастрофални“ зголемувања на отпуштањата на работници и намалувања на платите и работните часови. Голем дел од нив работат на ниско платени и нискоквалификувани работни места, за коишто ненадејната загуба на примањата е катастрофална.

Во светски рамки, две милијарди луѓе работат во неформалниот сектор (пред сè во новите и економиите во развој) и се под значителен ризик.

Потребни се сеопфатни и интегрирани мерки што се фокусираат на четири столбови: поддршка на претпријатијата, вработувањето и приходите; стимулирање на економијата и работните места; заштита на работниците на работното место; и, користење на социјалниот дијалог меѓу владата, работниците и работодавачите за изнаоѓање решенија, наведува студијата.

Ова е најголемиот тест за меѓународната соработка по повеќе од 75 години, изјави Рајдер. Ако една земја падне на тестот, тогаш паѓаме сите. Мора да најдеме решенија што им помагаат на сите сегменти од нашето глобално општество, особено на оние што се најранливи или најмалку способни да си помогнат самите себеси.

Она што ќе го избереме денес директно ќе влијае врз начинот на којшто ќе се одвива оваа криза и, оттаму, врз животите на милијарди луѓе, додаде тој. Со вистинските мерки може да го ограничиме нејзиното влијание и лузните што ќе ги остави. Мора да стремиме кон реконструкција што ќе ги направи нашите системи побезбедни, поправични и поодржливи од оние што допуштија да дојде до оваа криза.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...