Незабележан недостиг на сончогледово масло за јадење се случува во Европа, поради што на светскиот пазар безмалку се води војна за зејтин, чија цена некаде надминува и 20 евра за литар.
Според медиумските извештаи, засега најкритично е во Германија, каде расте и продажбата на црно, каде литар чини и 50 евра! Препродавачи нудат и отворени шишиња, односно продаваат 300 милилитри за неверојатни 15 евра. Набавете брзо бидејќи секаде е распродадено, стои во огласите на тие трговци во Германија, каде цената до неодамна беше по 1,79 евра за литар зејтин. Истовремено, неколку синџири супермаркети веќе ја ограничија продажбата на две до четири шишиња по купувач. Независно од ограничувањата, проблемот е што зејтин нема на рафтовите.
Рускиот напад врз Украина предизвика тежок дефицит на масло за јадење на светскиот пазар бидејќи запре преработката на семе од сончоглед, но и извозот, што влијае врз обемот на испораки. Токму Украина со 51 отсто и Русија со 21 отсто се најважните извозници на сончогледово масло во светот.
ЕУ увезе 1,52 милиони тони украинско масло за јадење за трите последни месеци од 2021 година. Тоа е помалку во однос на 2,16 милиони тони за истиот период во 2020 година, но и таа количина сочинуваше 86 отсто од вкупната испорака на стока во ЕУ.
Од Здружението на индустријата за преработка на масло во Германија признаа дека имаат залихи за уште неколку недели. После тоа, може да дојде до целосен недостиг бидејќи Германија 94 отсто од потрошувачката ја покрива со увоз. Најголемите количини ги земаше од УКраина, од каде, поради војната, нема нови испораки. Покрај Германија, критично е и во Шпанија, каде увозот од Украина покриваше дури 62 отсто од потрошувачката на сончогледово масло за јадење.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.