„Атлантиг група“ и „Нелт група“, со седиште во Белград, склучија договор за купопродажба на брендот за детска храна Bebi.
Станува збор за широко портфолио на производи за деца и за доенчиња кои се пласираат примарно на пазарот во Русија, каде овој бренд е присутен 35 години. Брендот Bebi лани оствари 11 милиони евра приход од продажба. Со оглед на тоа дека „Нелт група“ располага со капацитети и експертиза за производство на детска храна, постоечката производна локација за брендот Bebi лоцирана во Мирна во Словенија не е дел од купопродажниот договор.
Продажбата на брендот Bebi е продолжение на процесот на дезинвестирање на малите дејности во согласност со корпоративната стратегија на „Атлантик група“. Процесот почна пред две и пол години со ослободување од сегментот спортска и активна исхрана и додатоци во исхраната. Компанијата истовремено силно се фокусира на сегментите кои се клучен генератор на пораст-храна, пијалаци и аптекарско работење, интернационализација на брендовите кои докажаа меѓународен потенцијал (Argeta, Donat Mg) и развој на дистрибуцијата.
„Нелт група“ има 4.000 вработени на 11 пазари во Европа и Африка, примарно во дистрибутивни и логистички услуги, производство на храна и други производни и услужни дејности.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.