Словенечкиот министер за економија Здравко Почивалшек изјави дека од „Фортенова груп“ и од потпретседателот на „Сбербанк“, Максим Полетајев, доби гаранција дека „Меркатор“ нема да биде поделен по влезот во „Фортенова груп“.
Дополнително, тие ветиле дека нема да дојде до финансиско исцрпување на најголемиот словенечки трговски синџир.
Почивалшек се сретна и со претставници на конзорциумот на словенечки доставувачи на „Меркатор“ за да им ја разјасни нивната положба по вестите дека „Фортенова груп“ планира да го подели „Меркатор“ на повеќе делови, при што љубљанската управа би ја изгубила контролата врз фирмите-ќерки во Србија и во БиХ.
Очекувам од „Фортенова груп“, „Агрокор“ и од „Сбербанк“ во најбрз можен рок да подготват предлог-договор кој ќе ги заштити словенечките доставувачи по преносот на „Меркатор“ во „Фортенова груп“, изјави Почивалшек.
Тој додаде дека најавената постапка на „Фортенова груп“ е неприфатлива за Словенија, како од аспект на вработувањата така и поради положбата на доставувачите и остварените приходи на компанијата.
Полетајев истакна дека целта на „Сбербанк“ не е исцрпување на „Меркатор“, туку стабилизација и нормално работење со цел навремена исплата.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.