Регион

„Конзум“ на пат кон закрепнување

22 Aug 2018

Во првите шест месеци годинава, групацијата „Агрокор" остварила оперативна добивка од 97,7 милиони евра, што е за речиси 6 милиони евра или 6,4% повеќе од планираната.

Клучното обележје на полугодишното работење на 16 компании, колку што се вклучени во месечните извештаи, е континуираното намалување на оперативните трошоци и подобрувањето на ефикасноста. Тоа особено се однесува на деловната единица малопродажба и големопродажба, која во првите 6 месеци остварила приходи во вредност од 816,6 милиони евра, односно оперативна добивка во висина од 9,4 милиони евра, што е за 4,4 милиони евра повеќе од планираната. Приходите на „Конзум" изнесувале 548,8 милиони евра, за 3,1% повеќе од планираните, додека ЕБИТДА во шестмесечниот период достигнала 13,8 милиони евра, односно 8,5 милиони евра повеќе од планот.

Деловната единица прехрана во јуни го продолжила трендот на остварување на подобри оперативни резултати (ЕБИТДА). Приходите од 78,6 милиони евра биле речиси на ниво на планираните. Приходите и ЕБИТДА на деловната единица земјоделство во шестмесечниот период биле пониски од планираните, а најголемо влијание на тој резултат имал големиот берзански пад на цените на полутврдото сирење и на свинското месо. Оваа деловна единица во првите шест месеци годинава имала приходи од 132,6 милиони евра и ЕБИТДА во вредност од речиси 10 милиони евра.

Откако на 4 јули доверителите на „Агрокор" на рочиште го изгласале договорот, Трговскиот суд на 5 јули го објави записникот, а на 6 јули го објави и решението за потврда на договорот. Рокот за поднесување жалби на решението траел заклучно до 23 јули, при што Судот примил 92 жалби од доверителите. Жалбите за потврда на договорот ги решава Високиот трговски суд. По правосилноста на договорот, ќе се почне со негова имплементација, која ќе трае од 3 до 6 месеци.

Сите компании во системот, организирани и контролирани од вонредната управа, почнале со подготовките за тој комплексен технички процес, кој според последните проценки ќе се состои од повеќе од 100.000 чекори. Во периодот на кој се однесува извештајот, сите компании на групацијата „Агрокор" објавиле годишни финансиски извештаи за 2017 година и почнале со објавата на кварталните извештаи.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...