Србија може да остане со драстично намалено производство на свинско месо доколку не стивне заразата со африканска свинска чума која со сѐ поголем интензитет се шири во српските фарми.
Болеста е потврдена на 1. 154 фарми во 32 општини, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Според министерството, африканска свинска чума се појави на околу 150 фарми и дека случаи се потврдени во Војводина, Белград, централна и источна Србија.
Досега на фармите се извршени 314. 042 контроли, а до петокот еутаназирани се околу 18. 000 свињи.
Ненад Будимовиќ, доктор ветеринар и секретар на Здружението за сточари при Стопанската комора на Србија, за РТС изјави дека фармерите се добро запознаени со симптомите на болеста, но дека е важно да се знае како да се спречи нејзиното ширење. Будимовиќ предупреди дека претстои период кога прашање е што ќе биде со цената на свинското месо и со бројот на свињи.
Ова ќе биде тешка борба за одржување на производството на свињи и свинско месо, рече Будимовиќ во утринската програма на РТС.
Тој оцени дека ширењето на болеста може да биде предизвикано од миграцијата на туристите и големиот сообраќај на луѓе во летниот период, а носители на болеста се и производите што се користат за исхрана на свињите.
Станува збор за инфекција што ги погодува домашните и дивите свињи, а вирусот што ја предизвикува таа болест не е опасен по здравјето на луѓето, но влијае на економијата на земјите каде што се појавува.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.