Работниците во трговијата и услужните дејности со години се меѓу најслабо платените, а и меѓу ретките кои мораат да работат за викенди и празници. Меѓутоа, во последно време работите полека се менуваат, пренесуваат медиумите.
Во последните две-три години некои трговци почнаа да ги затвораат продавниците за празниците, а во некои делови на БиХ се воведува и неработна недела. Некои од градовите и општините кои одлучија да им дадат бесплатна недела на трговците се Бијелина, Ливно, Сански Мост, Зворник, Кисељак, а минатата недела се одржа јавна расправа за предлог-одлуката за работно време во недела на продажните и угостителските објекти во општина Нови Травник.
Целта на овие одлуки, како што велат, е да се заштитат работниците и да им се даде слободно време. Имавме низа средби и потпишавме бројни меморандуми за соработка со претседателите на општините во Федерацијата БиХ, а минатата година имавме конструктивна средба на оваа тема со градоначалникот на Бјелина. Ќе продолжиме да соработуваме со локалните власти, изјави Мерсиха Бешировиќ, претседателка на Синдикатот на работниците од трговијата и услугите во БиХ.
Според неа, трговијата на глобално ниво е меѓу најниско платените сектори во кои работните места не се атрактивни токму поради ниските примања и тешките услови за работа. Така е и во БиХ, но во оваа држава е дури потешко поради неусогласеноста на работните стандарди меѓу ентитетите, како и непримената на законите во пракса. Како што објасни Бешировиќ, според податоците од ноември 2021 година, нето-платата во трговијата била 767 КМ (околу 392 евра). Кога станува збор за покачувањето на платите, синдикатот во октомври 2021 година потпиша колективен договор за трговија во ФБиХ, со кој минималната плата се зголеми за 25,5%.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.