Германскиот трговски синџир „Лидл“ ќе инвестира во БиХ. Почетната инвестиција е 700.000 евра, објавија градските власти на Сараево
Трговецот веќе барал локации во Стар Град, при што им биле понудени повеќе опции за изградба на објекти.
Во октомври лани, „Бизнис Инсајдер“ пишуваше дека „Лидл“ неколку години наназад има добро искуства со своите подружници во Хрватска и во Србија и поради тоа сака да се прошири и во другите земји во регионот.
Минатата недела трговецот ја регистрираше својата компанија во Македонија. Според податоците, подружницата е под називот „Лидл Северна Македонија Дооел“, седиштето е во општина Центар, Скопје и е основана со паричен влог од 500.000 евра. Новата компанија ќе биде управувана од Софија, од бизнисмените Милена Драгијска, Бисер Борисов Инчовски и Љубомир Манолов Хрсев. Тие се управители во компанијата во Бугарија. Според описот на нивните надлежности и ограничувања, „Лидл“ планира да вложи над 10 милиони евра во продавница и да купи земјиште поголемо од 10.000 квадратни метри.
InStore уште во јуни ексклузивно објави дека „Лидл“ ќе влезе во Македонија. Според нашите извори, „Лидл“ ќе стартува со една продавница. Станува збор за објект кој нема да го земе под закуп, туку ќе го гради. Во таа насока е и информацијата за купување земјиште за изградба на објектот.
„Лидл“ од 2018 година почна да работи во Србија, при што истовремено отвори 16 продавници во 12 градови и има повеќе од 40 објекти. Во Хрватска, пак, работи од 2006 година. Инаку, трговскиот синџир оперира во 30-тина земји во Европа, со околу 11.000 продавници, а присутен е и во САД.
Трговецот„Лидл“ секој ден опслужува по околу 10 милиони купувачи.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.