Македонија

Бизнисите бараат активна улога во креирањето закони

29 Sep 2020

Новиот пакет економски мерки, но и очекувањата на стопанствениците активно да учествуваат во креирањето законски решенија кои се однесуваат на деловните субјекти, беа теми на средбатa во Стопанската комора на северозападна Македонија, помеѓу министерот за финансии Фатмир Бесими и претставници на комората.

СКСЗМ изрази подготвеност до министерот за финансии да има активна улога во процесот на предлагање закони и регулативи кои директно влијаат на деловните субјекти. СКСЗМ ја претстави и Платформата за економски развој на Северна Македонија, а министерот Бесими информираше за четвртиот пакет мерки кој беше усвоен на вчерашната владина седница, а кој беше донесен по консултации со бизнис заедницата, соопштија од комората.

Во рамките на платформата за економски развој на Северна Македонија, составена од самата СКСЗМ, беа презентирани и елаборирани точките каде државата треба да интервенира со цел нејзиниот развој и економски раст да продолжи со своите перформанси, додавајќи ги тука и економските мерки против КОВИД-19 што мора да претходат за закрепнување на економијата и враќање во нормална траекторија, се вели во соопштението до медиумите.

Од СКСЗМ додаваат дека овие средби, кои се веќе традиција, се одржуваат со цел да се зајакне и продолжи соработката меѓу државните институции и бизнис заедницата.

Преку овие средби се добива реална слика за реалните побарувања на бизнисите, особено за време на овој период на пандемијата КОВИД-19, бидејќи таа влијаеше врз дејноста на деловните субјекти, соопштија од Стопанската комора на северозападна Македонија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...