В година Македонија ќе биде домаќин на реномирани меѓународни вински судии и експерти кои ќе го вршат оценувањето на вината што учествуваат на Меѓународниот балкански вински фестивал, соопштија од здружението „Вина од Македонија“.
Оваа информација дојде по одржувањето на фестивалот оваа година, од 17 до 19 септември во Софија, Бугарија.
Балканскиот регион е на петто место во светот според производството на вино, веднаш зад најголемите земји-производители на вино: Италија, Франција, Шпанија и САД. На Меѓународниот балкански вински натпревар годинава учествуваа 100 винарници од балканските земји, кои ги претставија квалитетот и уникатноста на своите вина.
Чест и задоволство е за нас како здружение и како земја производител на врвно вино да бидеме домаќини на овој меѓународен вински натпревар следната година. Тоа е и во согласност со нашите активности за поинтензивно промовирање на Македонија како земја со долгогодишна традиција и квалитет во производството на вино. Одржувањето на еден ваков натпревар ќе придонесе да се потенцираат потенцијалите на македонското вино. Дополнително, здруженото градење на балкански вински бренд и соработката меѓу земјите во оваа сфера е од голема полза за градење на свесноста за вината од овој дел на Европа и освојувањето на странски пазари, а токму ваков натпревар е одличен инструмент за промоција на балканските вина, изјави Елена Младеновска-Јеленковиќ, директорка на здружението „Вина од Македонија“.
Меѓународниот балкански вински натпревар и фестивал традиционално се одржуваше во Софија, Бугарија. Од годинава беше воведен нов систем на организација на овој вински настан, според кој натпреварот на вината од балканскиот регион секоја година ќе се одржува во различна земја, со цел да се прошири опсегот и да се вклучат сите земји производители на вино од Балканот.
Македонските винарници постигнаа значителен успех на годинешниот Меѓународен балкански вински натпревар, освојувајќи речиси 50 медали, при што: „Тиквеш“ и „Тиквеш Шату & Домен“ освоија вкупно 16 медали, меѓу кои и специјална награда за најдобра автохтона црвена сорта, „Камник“ се закити со 10 медали, како и специјална награда за најдобро црвено вино од Македонија, „Стоби“ беше наградена со 10 медали, „Бовин“ освои 5 медали, „Шато Сопот“ доби 3 медали, „Ерос“ освои 3 медали, додека „Марков“ освои 1 медал.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.