Македонија

ССК ѝ предлага на Владата 25 мерки за економски спас

21 Sep 2020

Сојузот на стопански комори на Македонија, достави 25 мерки за економски спас, кои очекува Владата, да ги усвои и имплементира во соодветна временска рамка.

Од Сојузот велат дека економските мерки се базирани на реалните потреби на стопанството. Нагласуваат дека стопанството се соочува со голем број предизвици од кои најголем е нарушената ликвидност која многу брзо, доколку не се обезбеди итна финансиска помош може да доведе до затворање на правните субјекти.

Претседателката на ССК, Данела Арсовска истакна дека предлог-мерките се скромни со оглед на состојбите во економијата и се засновани на широк процес на консултации во приватниот сектор.

Приоритетна мерка треба да биде директна таргетирана финансиска поддршка преку доделување на грантови за помош за најпогодените сектори, за да се ублажат негативните ефекти врз економијата предизвикани од пандемијата, бидејќи има дејности кои се пред пропаѓање.
Неопходно е да се креираат прецизни протоколи за работа за сите дејности од Националната класификација на дејности, со цел да им се овозможи на сите право подеднакво да функционираат во контролирани услови по квалитетно утврдени правила. Исто така, од голема важност е да се предвиди можност за одложување или репрограмирање на постоечките кредити за оние претпријатија кои се борат со одржување на ликвидноста за да се превенира пропаѓање или одземање на имотите од страна на банките
, изјави Арсовска.

Од Сојузот сметаат дека од голема важност е да се обезбеди олеснет пристап до бескаматни кредити за покривање на варијабилните трошоци, како што се оние за тековните оперативни потреби. Апелира на потранспарентно промовирање на кредитните линии кои се достапни, да се овозможи сите на кои им се потребни да имаат можност за пристап до овие средства, како и обезбедување на национална гарантна шема за поддршка на претпријатијата при кредитирањето.

Меѓу останатите мерки кои се бараат е и директно и неселективно продолжување на мерката месечна финансиска помош од 14.500 денари до март 2021 година. Сојузот апелира и за одложување на сите даночни долгови за 2020 година и истите да се плаќаат на рати, без камата. Потребно е и итно справување со сивата економија со соодветни достапни механизми кои може да се имплементираат веднаш.

Дополнително Сојузот достави посебни финансиски мерки за секторите угостителство, туризам и транспорт.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...