Македонија

Продолжен рокот за повикот за технолошки развој за брзо приспособување

29 Jun 2020

Рокот за аплицирање на повикот за технолошки развој за брзо приспособување на Ковид-19 на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) е продолжен до 3 јули.

Како што информираат од ФИТР, рокот е продолжен поради големиот интерес на домашните компании, но и поради зголемениот прилив на апликации денеска, на последниот ден за аплицирање, како резултат на што настанале и технички проблеми. Рокот за аплицирање се продолжува до 3 јули до 14:00 часот.

Овој повик на ФИТР е наменет за брзо економско заздравување, за микро, мали и средни компании со потенцијал за успешно работење. Иницијалниот буџет на јавниот повик е 200 милиони денари. Финансиската поддршка е структурирана по големина на компанијата, и тоа до 750.000 илјади денари за микро, 1,5 милиони денари за мали и до 3 милиони денари за компании со средна големина и не може да надмине 70% од вкупниот буџет на инвестицијата. Преостанатите 30% се средства што ги обезбедуваат компаниите.

Средствата може да се наменат за инвестиции во дигитализација и ИТ-системи, реорганизација на работата, унапредување на производите и услугите, набавка на опрема, како и заштитни мерки за работниците. Со мерката се опфатени компании што во последните две години од работењето немаат регистрирано загуба, освен стартап-компании до три години постоење, кои се изземени од овој услов. Оваа развојна мерка е подготвена во соработка со Светската банка.

Новина во повикот се и критериумите за оценување, во делот на поттикнување на учество на компании со жени во управувачката и сопственичката структура. Исто така, посебен систем за бодување е предвиден за компании што доаѓаат од помалку развиените региони, кои ќе имаат и предност при селекцијата.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...