Македонија

МОТ и ЕБОР: За сериозниот удар на пандемијата потребна е голема државна интервенција

28 May 2020

Меѓународната организација на трудот (МОТ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) подготвија извештај за влијанието на Ковид-19 врз пазарот на трудот во нашата земја.

Извештајот содржи препораки, чија цел е зачувување на работните места и заштита на бизнисите. Под називот „Брза процена за влијанието од Ковид-19“, извештајот кој денес е објавен и презентиран пред надлежните органи, синдикатите и работодавците, содржи низа предлози за остварување на целта. Изработен е со финансиска поддршка на ЕУ, во рамките на проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, имплементиран од МОТ.

Опциите за проширување на заштитата на работниците и семејствата вклучуваат:

  • Воведување привремена проширена поддршка во случај на невработеност, со плаќање на паушален износ на месечно ниво во времетраење од најмногу 6 месеци;
  • Воведување проширена категорија на фирми што би се квалификувале за мерките за задржување на работните места;
  • Проширување на периодот на програмата за задржување на работните места со вклучување на втората половина од март до крајот на јуни;
  • Дополнително проширување на критериумите за квалификување за гарантираниот минимален приход;
  • Воведување паушален износ на субвенции за режиски трошоци/електрична енергија за домаќинствата со ниски приходи.

Опциите за активни мерки за вработување вклучуваат промовирање шеми за делење на работното место, ротирање на работното место и шеми за стажанти, како и инвестирање во дигиталната економија. Начините за поддршка на претпријатијата вклучуваат поголем пристап до финансии, административна поддршка и социјален дијалог меѓу засегнатите страни.

По развојот на заканата за јавното здравје во глобална пандемија со економски последици, Економско-социјалниот совет побара поддршка од работната група на МОТ и ЕБОР за развој на мерки и политики. Северна Македонија воведе одредени рестрикции за да се спречи ширењето на вирусот и досега успеа да го ограничи бројот на смртни случаи на 116 од 2.039 регистрирани случаи на заболени, се наведува во соопштението.

Истовремено, мерките тешко ја погодија економијата. Според пресметките на МОТ, само во второто тримесечје од 2020 година, загубени се работни часови што се соодветни на 85.550 работни места со полно работно време. Според последните прогнози, ЕБОР во мај очекува пад на економијата во земјава за 3,5 проценти годинава, пред заздравувањето од 5,5 проценти во 2021 година.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...