Со платежните картички што ќе ги добијат граѓаните нема да можат да се подигаат пари од банкомати, туку со нив ќе може само да се платат услуги или производи.
Ова денес го соопшти министерката за финансии Нина Ангеловска, на заедничка прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши. Таа објасни дека забрзано се работи на изгледот и начинот на употреба на платежните картички за што Владата ќе донесе посебна уредба, со која ќе се утврди кои производи и услуги граѓаните ќе може да ги искористат. Заедно со банкарската асоцијација се работи на подготовка на начинот на изработка на овие картички-ваучери кои ќе бидат во употреба во јуни или во јули, а ќе можат да се користат до крајот на годинава.
Аплицирањето за картичките ќе биде најлесно и едноставно. За оваа мерка, од третиот пакет мерки на Владата, се одобрени 25 милиони евра, а на другите уредби за мерките од овој пакет за поддршка на граѓаните, оперативно се работи и тие ќе бидат донесени следната недела – рече Ангеловска, додавајќи дека граѓаните ќе можат преку платформа на Министерството за информатичко општество да проверат дали им следува некоја од мерките.
Инаку, со оваа мерка се предвидува платежна картичка од 9.000 денари да добијат невработените и активните баратели на работа, а туристички ваучери од 6.000 денари ќе бидат наменети за вработени со нето-плата до 15.000 денари. Посебни ваучери се наменети за средношколци, студенти и млади до 29 години за кофинансирање на студии, сместување и организација на обуки.
Ангеловска посочи и дека од третиот пакет мерки, во септември треба да профункционира новата дигитална платформа вредна еден милион евра, наменета за помош на извозните домашни компании.
Преку развивање дигитална платформа, овие компании ќе ја зголемат конкурентноста и ќе можат да достигнат до нови пазари и нови потрошувачи. Веќе утре во Министерството за финансии имаме средба со претставниците на компаниите, за да им ја претставиме мерката и да ги преземеме потребните чекори за нејзино ставање во функција, истакна Ангеловска.
Според министерот Бектеши, 50 милиони евра од третиот пакет економски мерки ќе биде насочен кон туризмот и микро и малите компании. Туризмот кој претрпе најголеми загуби, ќе добие 16 милиони евра со поддршката на граѓаните за користење на туристичките капацитети во земјата.
Предвидени се ваучери од 100 евра и платежна картичка со 50 евра за купување домашни производи. Во туризмот предвидовме и уште една мерка, кофинансирање од 50 отсто односно до 30.000 денари на настани и конференции кои ќе се реализираат во хотелските капацитети, рече Бектеши.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.