Македонија

Организација на работодавачи: Уредбите од новите мерки да бидат усогласени со бизнисот

20 May 2020

Најавениот трет пакет економски мерки за ублажување на штетите од кризата предизвикана од ковид-19 пандемијата се очекува да има позитивно влијание врз стопанството. Ова е првичната оценка на Организацијата на работодавачи на Македонија(ОРМ) врз основа на досега објавени информации од страна на Владата во врска со новиот пакет мерки.

Конечниот став ќе може да го кажеме откако најавените мерки ќе бидат преточени во Уредби со законска сила, затоа што во уредбите понекогаш се предвидуваат некои критериуми кои преставуваат пречка за користење на мерките, па така и добри идеи на Владата добиваат лоша реализација. Затоа е неопходно пред нивното конечно објавување Владата да се консултира со бизнис заедницата и да се разгледаат од страна на националниот економско-социјален совет“, изјави претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

Според ОРМ, мерките од третиот пакет кои директно се насочени кон стопанството би требало да придонесат што повеќе компании погодени од кризата да ја одржат својата економска активност и да го рестартираат бизнисот, со што би избегнале стечај, ликвидација и отпуштање на сите свои вработени.Со најавените нови 31 милион евра кои во форма на безкаматни кредити би се пласирале преку Развојната банка би овозможиле поддршка и за оние фирми кои поради недостаток на средства не успеаја да добијат помош во рамки на првиот и вториот пакет економски мерки. Конечно се планира и државна гаранција за комерцијални кредити за поддршка на старт-ап, микро и мали компании - мерка која години наназад ја бараме, а планирани се и дополнителни 25 милиони евра како поддршка на компаниите за модернизација, зголемување на нивната конкурентност и освојување нови пазари. Ова се мерки кои сметаме дека се неопходни за заживување на стопанството после кризата, вели Димитров.

Организацијата на работодавачи на Македонија оценува и дека предвидената финансиска поддршка за граѓаните и социјално ранливите групи преку платежни картички и ваучери ќе има позитивно влијание на домашната потрошувачка и на зголемувањето на продажбата на домашни производи и услуги.

Неопходно е при конечното дефинирање на овие мерки да се внимава тие да се однесуваат за купување на домашни производи или услуги, а не на увозни, затоа што доколку државата го стимулира купувањето на увозни производи ќе го зголеми трговскиот дефицит, ќе го наруши платниот биланс на земјата и ќе се намали очекуваниот позитивен ефект врз домашната економија, смета претседателот на ОРМ. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...