Македонија

Домашните преработувачи на месо со донации

11 May 2020

Домашните преработувачи на месо, организирани во рамките на Стопанската комора на Македонија, ја поддржаа борбата против Ковид-19 со донација до Министерството за здравство.

Средства во висина од 900.000 денари беа уплатени на посебната сметка на ресорното министерство за справување со состојбата поврзана со корона вирусот Ковид-19 во земјата. На овој начин, членките на Групацијата за производство на месо и преработки од месо при Комората ја потврдуваат општествената одговорност, докажувајќи дека се подготвени да придонесат во општественото живеење  паралелно со поддршката што ја добиваат преку автономните мерки за бесцарински увоз на замрзнато свинско месо, стои во соопштението од Групацијата.

Оттаму истакнуваат дека македонската индустрија за преработка на месо има доволно капацитети, потенцијали и докажан квалитет за пошироко освојување на европските пазари. Но, како предуслов за поголема конкурентност на домашните производи од индустријата за преработка на месо послужија мерките за воведување квоти за укинување на царинските давачки за увоз на замрзнато свинско месо. Мерката, која беше неколку пати продолжувана, доведе до пораст на производството од 20,27% во однос на 2017 година. Приближно толку, односно 19,95% изнесува растот на производството на преработки од свинско месо во 2019 година во однос на 2018 година.

Оваа констатација се потврдува со фактот дека во 2018 година, кога се воведени автономни мерки за бесцарински увоз на замрзнато свинско месо, компаниите остварија зголемување на обемот на производството. Како резултат на донесената мерка, компаниите бележат раст од 12,80% во однос на 2014 година на вкупниот број вработени. Истовремено, потребата од нови вработувања е тесно поврзана со зголемувањето на обемот на работа, при што овие компании уште во текот на 2019 година имаат зголемен број на огласи за нови вработувања. Со тоа се отвораат големи можности за дополнителен развој на секторот и раст на извозот, што е главна цел кон која треба да се движи македонското стопанство.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...