„Тривити“ е првата македонска алатка за пребарување, наменета за луѓето што бараат работа и за компаниите што вработуваат.
Платформата www.thrivity.mk, која веќе е достапна за корисниците, е резултат на партнерството на консултантската фирма од областа на управувањето со човечки капитал „Апод“ и ИТ-фирмата „Хаселт“.
Работи на тој принцип што луѓето кои бараат работа и компаниите кои бараат работници креираат свои профили. Кога компанијата ќе објави оглас, „Тривити“ ќе почне со пребарување и ќе ги идентификува потребите наведени во огласот, ќе ги поврзе со потенцијалните профили/луѓе и, во реално време, ќе ѝ испрати листа на потенцијални кандидати на компанијата.
Листата што ќе ја добие компанијата е целосно анонимна, односно компанијата не е во можност да ја види професионалната биографија на кандидатот, а ако сака да пристапи на некој од предложените профили, компанијата ќе испрати барање за контакт, по што кандидатот има можност да го прифати или да го одбие барањето.
Во целиот процес кандидатот има комплетен увид на компанискиот профил и на огласот што е објавен. Професионалната биографија на кандидатот ќе биде видлива за компанијата само ако тој/таа го прифати барањето за контакт.
Нашата искрена цел е да ги инспирираме луѓето да ја пронајдат работата според својот потенцијал, а компаниите да добијат високо мотивирани и ангажирани вработени што ќе ја сакаат својата работа, изјави Поликарп Арсеновски од компанијата „Апод“.
Платформата е поддржана и од Фондот за иновации и технолошки развој.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.