Сојузот на Ротари клубовите донира опрема и финансиски средства како поддршка на здравствениот систем во борбата против Ковид-19.
Од Сојузот информираат дека најновата донација се состои од медицинска опрема и материјали, односно: 4 монитори за пациенти, 15 пулсоксиметри, 100 заштитни визири, 1.000 заштитни маски KN95-A за медицинскиот персонал и 200 крпи. Вредноста на оваа опрема и материјали изнесува повеќе од 1,4 милиони денари, кои се собрани како лични донации од членовите на Ротари клубовите. Донираната опрема и материјали се веќе испорачани во здравствените установи.
Вкупната вредност на досега донираната опрема и финансиски средства од 20-те Ротари клубови од земјава за поддршка на здравствените установи, надминува 40 илјади евра.
Борбата против болестите е една од главните области на дејствување на ротаријанците низ целиот свет. Во овие моменти кога нашата земја и целиот свет се соочуваат со огромен предизвик, како што е пандемијата од вирусот корона, неопходно е да ги здружиме сите расположливи сили и да помогнеме таму каде што е најнеопходно, а тоа секако се здравствениот систем, медицинскиот персонал и пациентите. Како индивидуи, но и како Сојуз на ротари клубови ќе направиме сè што е во наша моќ и понатаму да му помагаме на здравствениот систем и на нашата земја, заеднички да излеземе како победници од оваа криза, истакна Никола Петкоски, координатор на Сојузот на Ротари клубови во земјава.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.