Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) подготви препораки за однесување на вработените во производствените капацитети за храна до операторите со храна.
Препораките, како што информираат од АХВ, се испратени до членките на Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори и до Стопанската комора на Северозападна Македонија.
На компаниите што вршат дејност производство на прехранбени производи, АХВ им препорачува да го организираат производствениот процес во погоните каде што непосредно се произведува, да се внимава и да се држи растојание меѓу вработените од 1,5 до 2 метри. Во кланиците за колење јагниња, растојанието треба да биде согласно работните места превидени по технолошката шема на работниот процес, по должина на технолошката линија на производство.
Вработените задолжително треба да носат заштитна маска и да ја менуваат почесто (на 2-4 часа), но и секогаш кога е оштетена или загадена со крв или друга нечистотија. Ракавиците почесто да се менуваат, секогаш кога се оштетни, по паузата во текот на работењето, но и да се мијат во текот на работата. Пред ставањето на ракавиците, рацете треба добро да се измијат и дезинфицираат, а исто така и откако ќе се извадат.
Луѓето задолжени за обезбедување на објектот, возачите што дистрибуираат готови производи, репроматеријали и хартиени документи, исто така треба да носат лична заштитна опрема.
Во производствениот објект, пред влезот во работните простории, задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција за раце и за обувки. На работните места што се предвидени по технолошката шема на работниот процес, секогаш треба да има топла вода, средство за миење раце и функционални стерилизатори за ножеви.
Да се врши почесто проветрување на работните простории, доколку е можно повеќепати во текот на денот, преку природна или вештачка вентилација. Редовно да се спроведуваат ДПП/ДХП (Добри производствени практики и Добри хигиенски практики), базирани на принципите HACCP.
Во работното време, вработените да ги почитуваат општите препорачани мерки за одржување на повисоко ниво на личната и општата хигиена (често миење на рацете, приборот и опремата за работа). За време на паузите, вработените да не се групираат, да внимават и да одржуваат меѓусебно растојание од најмалку 1,5 до 2 метри.
Да се избегнува меѓусебен контакт на вработените од погоните во текот на работниот процес, особено со административните службеници. Во случај на потреба од администартивна работа, потпишувањето на хартиените докумени да се спроведува исклучиво преку еден одреден вработен, кој ќе носи лична заштитна опрема (маска и ракавици).
Да не се одржуваат состаноци/колегиуми, односно тие да се спроведуваат по телефон или по електронски пат.
По завршување на работниот процес да се спроведе темелно механичко чистење и дезинфекција на сите простории во објектот. Во случај на непосреден контакт со лабораториски потврден случај на Ковид-19 (со или без симптоми), лицето веднаш се изолира и да се пријави до надлежниот Центар за јавно здравје.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.