Уредбата со која се утврдува како банките и штедилниците можат во текот на вонредната состојба на граѓаните и фирмите да им понудат одложување на исплатата на ратите и други поволности е донесена, соопштуваат од Народна банка и од Министерството за финансии. Со оваа уредба ќе им се олесни сервисирањето на кредитите за време на кризата со корона, соопштија Народната банка и Министерството за финансии.
Целта е олеснување на финансискиот товар на граѓаните и на фирмите што поради кризата предизвикана од вирусот корона се соочуваат или би можело да се соочат со реални потешкотии во исплатата на кредитите во банките и штедилниците.
Уредбата им овозможува на граќаните и на фирмите промена на договорните услови за кредитите да се изврши побрзо и поедноставно, без да се загрози јавното здравје – без да се посетуваат експозитурите и филијалите и без да се чека во ред на шалтерите заради потпишување на анексите на договорите.
Преку објава на своите веб-страници со понуда за промена на условите за плаќање на кредитите и/или преку одделно известување на клиентите, преку електронска и/или писмена комуникација банките и штедилниците можат да понудат поповолни договорни услови и без претходно да имаат добиено барање од засегнатите клиенти.
Со уредбата е утврдено дека ако физичкото лице, во рок од десет дена од објавувањето, односно добивањето на понудата, писмено или електронски не ја извести банката/штедилницата дека го одбива понуденото олеснување на финансискиот товар, ќе се смета дека понудата за промена на договорните услови е прифатена.
За да ги искористат понудените поповолни договорни услови, правните лица ќе треба писмено или електронски да ја известат банката или штедилницата дека ја прифаќаат понудата. Ако правното лице не го стори тоа во рок од десет дена, во согласност со уредбата ќе се смета дека понудата не е прифатена.
Во согласност со донесените регулаторни измени, банките и штедилниците, на засегнатите граѓани и фирми ќе можат да им понудат повеќе поволности: одложување односно грејс-период за отплата на кредитите; пролонгирање на исплатата на кредитот на подолг период; пониска каматна стапка и сл.
Ова важи за сите кредитни производи: потрошувачки, станбени, хипотекарни, автомобилски кредити итн.; кредитни картички; дозволено пречекорување (одобрен минус); кредити на фирмите.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.