Македонија

Македонија забрани увоз на месо од земјите со африканска свинска чума

25 Jul 2019

Во Македонија нема присуство на болеста африканска свинска чума, уверуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Но, поради појавата на блиски жаришта во соседството, Агенцијата ги зголеми безбедносните мерки и воведе забрана за увоз и транзит на свинско месо, производи од свинско месо и добиточна храна од земјите каде е утврдено присуство на болеста.

Во моментов кај нас нема појава на болеста африканска чума кај свињите ниту во фармите, ниту кај популацијата диви свињи. Африканската свинска чума не е болест која што е опасна за луѓето, но е високо заразна вирусна болест кај дивите и домашните свињи, која брзо се шири преку контакт со заболени свињи, производи од животинско потекло кои не се доволно термички обработени, контаминирани предмети и опрема, објасни Зоран Атанасов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од АХВ апелираат граѓаните да не внесуваат храна од животинско потекло во земјава.

Во услови на зголемена фрекфенција на лица кои влегуваат и транзитираат низ земјава поради годишните одмори, АХВ ги извести царинските службеници за воведување дополнителни, засилени контроли на личниот багаж на патниците. Сето тоа поради внес на храна од животинско потекло, месо и производи од месо преку кои може да се внесе болеста во нашата земја, рече Атанасов. 

Африканската свинска чума се појавила во 2007 година во Казахстан, а во моментов е присутна во Бугарија, Романија, Унгарија и други држави од Источна Европа. Болеста предизвикува големи економски штети и загуби во свињарството, не се лекува и не постои вакцина за заштита.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...