Македонија

Трговците загрижени од одлуките на Владата, бараат средба со премиерот

19 Feb 2025

Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун денеска преку соопштение изразува сериозна загриженост за вчерашните одлуки на Владата, кои ги соопшти  заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески. Бараат итна средба со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши за да ги разгледаат последиците од овие одлуки и да ги земат предвид аргументираните предлози на компаниите од трговската дејност.

Според овие одлуки, се предвидува ограничување на маржите на основните прехранбени производи, при што се очекува дека цените на овие производи ќе се намалат во просек за 10 отсто, освен за млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко, за кои се предвидува да останат на исто ниво, односно да не се зголемуваат. Сепак, забележуваме дека во својата изјава, заменик-министерот сам се демантира. Од една страна, се наведува дека основните производи се маржираат од 20-25%, што е причината за ограничувањето на маржата на 5%, но од друга страна се тврди дека нема да има значително намалување на цените. Логично е,  цените да се намалат за 15-20%, доколку се намали маржата на овој начин. Дополнително, овие одлуки не ги заштитуваат социјално загрозените граѓани, туку најголемата финансиска корист ќе ја имаат потрошувачите со повисоки приходи. На пример, во групата на месни производи ќе треба да се намалат цените и на луксузни производи, што значи дека не се води сметка за приоритетите на граѓаните со пониски примања. Исто така, иако Владата најави дека оваа мерка ќе опфати 1000 производи, во реалноста се работи за многу поширока листа од 3000-4000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко со различни маслености, како и производи како што се детергенти и сапуни, соопштуваат од Стопанската комора на трговци на големо и мало.

Од Комората велат дека целиот сектор ја дели загриженоста, иако до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат доставиле конкретни предлози, кои се одраз на реалната состојба.

Овие предлози беа на барање на Владата. Тие имаат за цел да се обезбедат ефективни мерки за намалување на цените, а истовремено да не го загрозат опстанокот на трговските претпријатија.Затоа предлагаме Владата посериозно да ги земе предвид нашите аргументирани предлози, кои се во согласност со Уставот и законите на државата, пред да донесува вакви сериозни одлуки, кои можат да нанесат голема штета на сите стопански субјекти вклучени во трговската дејност.Со вакви избрзани одлуки, се нанесува значителна штета на голем број стопански субјекти кои имаат клучна улога во развојот на економијата. Овие компании се соочуваат со неизвесност во нивните идни инвестиции и активности, а истовремено се испраќа негативна порака до сите потенцијални инвеститори во дејноста, стои во соопштението.

Поради горенаведените причини, Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун бара итна средба со премиерот и министерот за економија и труд, за да ги разгледа последиците од овие одлуки и да ги земе предвид аргументираните предлози на компаниите од трговската дејност.

Овој наш став, од неофицијални извори, го делат или го поддржуваат сите компании што се занимаваат со трговска дејност. Овие компании вработуваат 4700 граѓани и нивното функционирање е од суштинско значење за економската стабилност на државата, велат од Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун.

Владата на вчерашната  седница одлучи да ги ограничи бруто-профитните маржи во трговијата на мало и големо за 102 групи производи, односно за над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи. Дополнително, донесена е и одлука за утврдување на највисоки цени на одделни производи во трговија на мало и големо.

Заменик-министерот за економија и труд , Марјан Ристески на прес-конференција информира дека на пет отсто се ограничува маржата на осумте основни прехранбени производи и тоа: леб, брашно тип 400 и тип 500, јајца, масло за јадење, млеко, јогурт и кисело млеко.

Маржа од десет отсто се ограничува за група од 55 прехранбени производи како месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини. Ограничување на 15 отсто бруто-профитна маржа, пак, ќе се применува за 39 групи прехранбени производи и средства за хигиена и тоа: свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и слично.

Втората одлука којашто ја донесе Владата е утврдување на највисоки цени на осум групи основни прехранбени производи во трговија на големо и мало при што како највисоки цени се утврдуваат цените што се применувале на 1 февруари 2025 година, истакна Ристески. 

Овие одлуки ќе стапат во сила следниот ден откако ќе бидат објавени во службен весник и ќе траат до 30 април.

Извор: Стопанска комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун.

Фото: Pexels

 

                                                                                                   



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...