Колумни

Верица Мартиновска: Раздели, па владеј

13 Feb 2025

Намалување на даноците, поддршка на домашното производство и конкуренцијата, намалување на администрацијата и јавната потрошувачка, и обезбедување на стабилност во работењето се само некои од чекорите кои можат да се преземат.  

Пишува: Верица Мартиновска, директорка на InStore.mk

Државата удри со дрва и камења на маркетите, ја префрли целата вина за поскапувањето на нив и за жал, освен што создаде револт кај народот, ништо позитивно не постигна. Синџирите на маркети, кои со сигурност не можат да опстанат со 10% маржа, како последен крик за спас, основаа своја комора, која ќе се бори за нивните права. Се обидоа со разговор и аргументирање да се реши ситуацијата, но после неуспешните обиди, веројатно да, мора да дојде напад после бранењето. Па така, доведени до работ, маркетите се предизвикани да ги повикаат на одговорност и другите чинители во синџирот на набавка.

Владата веќе донесе ограничување на маржата на дистрибутерите на 10%. И тие не можат да преживеат со таа маржа. Дали и тие ќе прават своја комора? Дали меѓусебно ќе си префрлаат кој повеќе заработува? Дали следни за отстрел се производителите?

Гледајќи што се случува во последниве години во FMCG секторот, мерките на Владата никако не ми се јасни. Освен дека се популистички, други долгорочни ефекти, па барем и намери за тоа не гледам.

Секој што студирал економија знае дека слободниот пазар е најдобра „мерка“ за регулирање на пазарот и цените. Учевме дека уште во 1776 година, Адам Смит зборувал за „невидливата рака“ на понудата и побарувачката, кои природно ги регулираат цените, без потреба од владина интервенција. Учевме и за монетаризмот на Милтон Фридман, кој вели дека „инфлацијата секогаш и секаде е монетарен феномен“ и дека државата единствено треба да ја регулира паричната маса, и да создава услови за слободна трговија. 

И ние во 21. век се обидуваме да ја стопираме инфлацијата со регулација на цените и маржите. Намалување на даноците, поддршка на домашното производство и конкуренцијата, намалување на администрацијата и јавната потрошувачка, и обезбедување на стабилност во работењето се само некои од чекорите кои можат да се преземат.  

Со многу инвестиции, македонскиот пазар за стока за широка потрошувачка се развива и некогаш поскромно, но сепак ги следи светските трендови. Само затоа имаме големи и убави маркети, имаме различни формати на малопродажни објекти, имаме сериозно развиени дистрибутивни куќи, и одлични македонски производители и брендови. Тоа треба да ја радува Владата и да најде начини како да стимулира и дополнителен развој. Бидејќи тоа е индустријата без која државата не може, а не можат и сите оние кои деновиве ги бојкотираа маркетите.

Тоа е секторот кој работеше и кога сите ние работевме „од дома“ за време на пандемијата. Тогаш сите ги величевме, бидејќи тие, заедно со докторите, беа најизложени, за доброто на сите. Истите тие, сега не бараат помош, туку само државата да ги остави на мира.

Владата мора конечно да ги сослуша трговците и што побрзо да дојде до нови решенија. Во спротивно, Владата треба да се запраша дали ќе интервенира и кога малите маржи ќе доведат до затворање на бизниси? 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...