Македонија

Бранимир Јовановиќ: Замрзнувањето е мерка за да се спречи цените да пораснат, а не да се намалат

06 Sep 2024

Бранимир Јовановиќ, економски експерт и аналитичар, за InStore ја коментираше најавената мерка на министерот за економија и труд Бесар Дурмиши за замрзнување на цените на одредени прехранбени производи.

Со оглед на тоа што сè уште не се знаат деталите за тоа кои производи ќе бидат опфатени и за колкав временски период, Јовановиќ се осврна на неколку поенти од мерките за замрзнувања што беа користени кај нас, во Србија и во Албанија изминатите две години.

Искуството покажува дека замрзнувањето на цените може да помогне да се смири инфлацијата, но само ако нивото на кое цените се замрзнати не се крева, ако замрзнувањето трае долго, и ако има строги инспекции и казни. Од друга страна, искуството исто така покажува дека органичувањето на маржите не е ефективна мерка, затоа што тешко се контролира и може лесно да се избегнува, изјави Јовановиќ за InStore.

Според него, при донесувањето на овие мерки, треба да се земе предвид уште една важна лекција, од економската наука.

Замрзнувањето на цените е мерка за да се спречи цените да пораснат, а не за тие да се намалат. Со замрзнувањето можете да спречите лебот од денешните 30 денари да поскапи на 40, ама тешко можете да направите тој да падне на 20 (на пример). Ова е добро познато од илјадници примери од светот, никогаш цените после инфлаторни епизоди не се намалиле. Наместо владата да се труди да ги намали цените, многу е подобро да ги покачи примањата на луѓето, преку повисока минимална плата и зголемување на платите во јавниот сектор, објасни тој.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...