Македонија

Лебот нема да поскапи, тоа е само шпекулација, тврдат мелничарите

25 Aug 2023

Цената на лебот во однос на брашното ќе нема никакви поместувања, освен ако драстично не поскапат енергенсите или електричната енергија како минатата година, тврдат мелничарите. Но, во таков случај, тие очекуваат Владата да реагира навремено и да ги изрегулира на соодветно ниво цените на енергенсите или струјата за да не се повтори, велат, проблемот од лани.

Според претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора Горан Малишиќ, изминатите денови непотребно се крена многу прашина околу цената на лебот.

Како што изјави Малишиќ за МИА, Групацијата во консултации со најголемите индустриски производители на леб утврдила дека темата за зголемување на цената на лебот е само шпекулација во јавноста, поттикната од зголемувањето на цените на другите основни производи. Моменталната ситуација на цените на светските и регионалните берзи на пченицата, би рекол и покрај сите турбуленции околу војната во Украина, некако се стабилизираа на ниво од 230 до 245 евра тон за меркантилна пченица на најрелевантната Матиф Француска берза и на Чикашката берза од околу 205 до 215 евра по тон. Регионалните цени во моментов се движат во тој опсег помеѓу цените од двете берзи и сите индекси од берзите за цените во декември 23, Март 24 или Мај 24 па и по жетвата во 2024 се движат во истиот опсег. Сите овие податоци ни даваат за право да веруваме дека по тој основ цената на брашното како и индиректно на лебот, посебно индустрискиот, ќе го задржат истото ниво на цени во идниот би рекол подолг период. Покрај овие берзански индиции, нашата Групација, во консулатции со своите членки, односно во консултации со најголемите индустриски производители на леб, утврди дека темата за зголемување на цената на лебот се само шпекулации во јавноста поттикнати од страна на зголемувањето на цените на другите основни производи, изјави Малишиќ.

Цените на брашната за индустриска употреба моментно се движат, зависно од типот и квалитетот, од 20 па до 35 денари, а во малопродажбата од 30 до 50 денари.

Овие цени се веќе константни во последниве три месеци и со индикативните берзански цени ќе останат на исто ниво, што ни дава за право да потврдиме дека цената на лебот во однос на брашното ќе нема никакви поместувања, освен ако драстично не се зголемат цените на енергенсите или електричната енергија како минатата година. Во таков случај очекуваме Владата да реагира навремено и да ги изрегулира на соодветно ниво цените на енергенсите или струјата за да не се соочиме со истиот проблем како лани, што беше една голема причина за поскапувањата, кажа Малишиќ.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, апелираше во време на криза да не се шпекулира со поскапувања. Тој напомена дека цената на белиот леб е се уште 33 денари и тука, подвлече, нема поместувања. Владата, рече Бесими, е подготвена да разговара со мелничката индустрија и да реагира соодветно за да ги заштити граѓаните, но, секој, како што дополни, носи дел од одговорноста.

Според Бесими, најавите за поскапувањата само влијаат врз очекувањата на пазарот и дополнително ги оптоваруваат и загреваат очекувањата за цените.

Ги прочитав сите најави од мелничката индустрија. Дали откупната цена на пченицата е повисока во однос на минатата година? Не. Дали електричната енергија е поскапа? Не. Што во меѓувреме се случило за да најават поскапување на лебот? Во постојана комуникација сум со двајцата министри, за економија и за земјоделство, како и со премиерот. Ние сме отворени да разговараме за која било тема, но медиумските укажувања на работи кои влијаат врз очекувањата на стопанството не помагаат во економијата, туку дополнително создаваат очекувања за зголемување на трошоците. Ќе се разговара со нив и ќе излеземе во пресрет на секоја ситуација во однос на овие ситуации што може да влијаат од аспект на ценовната криза, изјави Бесими.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...