Македонија

„Алкалоид“ оствари рекордни консолидирани продажби од 136,7 милиони евра

27 Jul 2023

„Алкалоид“ АД Скопје оствари рекордни консолидирани продажби од 136,7 милиони евра, има раст на консолидираниот извоз од 23 отсто и инвестиции од 15,2 милиони евра во периодот јануари–јуни 2023 година, објавија од компанијата. 

Приходи од продажби

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – јуни 2023 година продажбите достигнуваат 6.293.741.761 денари, што е за 19 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 8.425.198.446 денари, што е за 18 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 8 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 23 %. Од вкупните консолидирани продажби 29 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 71 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 29 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР...) се остварени 19 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со првото полугодие од 2022 година, бележат продажбите остварени во Австрија, кои се зголемени за повеќе од 4-пати, како и во Чешка и во Турција, каде што се зголемени за двапати. Потоа следуваат оние во Ерменија (раст од 93 %), Романија (раст од 87 %), Монголија (раст од 45 %), во Велика Британија (раст од 28 %), Португалија (раст од 23 %), Бугарија (раст од 22 %), во Хрватска (раст од 11 %), Црна Гора (раст од 11 %), Србија (раст од 10 %), во Босна и Херцеговина (раст од 8 %) итн. Повисокиот раст на продажбите во првото полугодие од 2023 година, во однос на планираните, делумно се должи на недостигот од антибиотици од други производители на повеќето извозни пазари. Овие недостатоци АЛКАЛОИД успеа да ги покрие преку зголемен обем на производство и на продажби на антибиотици од сопственото портфолио.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 90 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 29 %, препаратите ОТЦ со 19 %, невролошките препарати со 12 %, кардиолошките препарати со 11 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 10 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 7 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај профитните центри фармација и козметика во споредба со остварените во истиот период од 2022 година. Сегментот фармација бележи раст од 21 %, а козметика раст од 12 %.

Инвестиции

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2023 година изнесуваат 937.983.755 денари.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.334.981.131 денари, бележи зголемување од околу 14 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 814.786.957 денари и е зголемена за 19 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.393.017.611 денари и бележи раст од 17 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 773.414.100 денари е зголемена за 19 %.

При извршувањето на оперативните активности „Алкалоид“ ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.

Вработени

Во периодот јануари – јуни 2023 година во „Алкалоид“ се реализирани 106 нови вработувања. Со одлука на Управниот одбор, во март 2023 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина на нето-износот од 36.500 денари. „Алкалоид“ брои 2.733 вработени, од кои 2.065 се во земјава, а 668 се вработени во подружниците во странство.

Бизнис-план за 2023 година

Бизнис-планот за 2023 година предвидува инвестирање на околу 11 % од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 10 % на консолидираните продажби во однос на 2022 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2022 година.

Бизнис-планот за 2023 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2023 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...