Македонија

Од денес треба да поевтинат тестенините и млечните производи

16 Mar 2023

Од денес тестенините во продавниците треба да поевтинат за 15 отсто, а млечните производи за 10 отсто. Ова го предвидува одлуката на Владата за намалување и „замрзнување“ на цените на тестенините и млечните производи за периодот од од 16 март до 31 мај. 

Се предвидува дека цените на макароните и шпагетите денес ќе бидат замрзнати на нивото што го имаа на 1 март, со намалување од 15 отсто.

За млечните производи замрзнати се цените на трајното кравјо млеко со содржина на маснотии од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, кравјото бело сирење и мешаното бело сирење, кравјиот кашкавал, киселото млеко, павлаката и јогуртот без додатоци на ниво од 1 март, со намалување од 10 отсто.

Од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) најавија дека веднаш ќе почнат со контроли и посочија дека казните за непочитување на решенијата за ограничување на цените изнесуваат од 800 до 10.000 евра во зависност од големината и видот на фирмите и компаниите.

Владата од 1 март веќе ја ограничи цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари и покрај противењето на големите индустриски пекари. Најавено е дека ќе се анализираат и цените на шеќерот, јајцата и белиот ориз.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...