Инвестицијата која беше најавена уште минатата година по повод 70 години „Бимилк“, започна со реализација веќе од февруари месец. Пристигнаа 164 од вкупно 496 јуници набавени од „Битолска млекара“ и наменети за фармерите кооперанти на млекарата. Од нив, 98 се доставени до фармерите, соопштија од млекарницата.
Набавката на новите молзни грла е дел од инвестицијата од „Бимилк“ во вредност од 1.2 милиони евра што компанијата ја прави заедно со своите кооперанти како поддршка на нивната одржливост. Целата инвестиција опфаќа набавка и поделба на 496 стелни јуници, 238 од расата Холштајн - Фризијан и 258 од расата Симентал - Флеквиe. „Бимилк“ учествува со субвенционирање на најголем дел од вредноста на грлата, а за остатокот овозможува бескаматен кредит со рок на отплата од 5 години.
Ова е исклучително корисен и потребен чекор, посебно во овие времиња кога зголемувањето и стандардизирањето на примарното млекопроизводство овозможува одржливост на целата млечна индустрија. Исто така е влог во идниот развој на млечната индустрија во земјава, затоа што освен зголемената продуктивност, уште внесува квалитетен генетски материјал за постоечките грла. Со оваа инвестиција ја продолжуваме нашата поддршка за фармерите – примарните млекопроизводители и нашиот придонес кон снабденоста со млеко и млечни производи на домашниот пазар, изјави генералниот директор на „Млекара АД Битола“, Ѓорги Петрушев.
Станува збор за високо стелни јуници по потекло од Унгарија и Чешка чија генетска продуктивност на годишно ниво се движи од 6 000 до 8 000 литри млеко, што претставува значајно отскокнување од сегашниот принос на млеко.
Преостанатите јуници ќе бидат распределени дополнително на фармери кооперанти од сите региони во државата.
Изминатиот период „Битолска млекара“ за своите фармери донираше лактофризери како дел од двата роботи за измолзување. Поддршката од млекарницата освен во опрема и технологија доаѓа и во форма на едукација на фармерите, поддршка при набавка на сточна храна, механизација и опрема, како и иницирање стимулативни мерки за развој на сточарството.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.