Македонија

Поевтина струја за 200 фирми

31 Oct 2022

Премиерот Димитар Ковачевски вчера ги образложи новите одлуки за справување со енергетската криза, со кои вели дека им се овозможува на компаниите што произведуваат основни прехранбени производи, основните и средни јавни училишта, јавните претпријатија за водоснабдување и одведување на отпадни води, да склучат договор со ЕСМ Продажба и да имаат поевтина струја.

Според него, ќе се обезбеди поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Владината одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија.

Со овие мерки компаниите, производителите на основни прехранбени производи ќе имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја, што крајно ќе влијае и врз стабилизирање на цените на финалните производи кои се произведуваат и се продаваат од овие компании. Веќе беше јавно соопштено од производителите на основни производи дека со ваква одлука цените треба да се намалат за најмалку 10 отсто, рече Ковачовски.

Основните и средните јавни училишта, јавните претпријатија од областа на водоснабдување и одведување на отпадни води ќе може да склучат договор за снабдување со ЕСМ Продажба, по цена од 95 евра по мегават/час.

Станува збор за 200 фирми производителите на основни производи кои се на регулиран и на отворен пазар на струја. Според него, АД ЕСМ ќе може да произведе доволно струја за сите потреби.

Се очекува денеска или утре на седница на Собранието да биде усвоен Законот за потрошувачи, преку кој ќе се контролира цената на производите.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...