За да се одржат домашната економија и конкурентноста на домашните производи и услуги, и дома и во странство, но и за да ги зачуваат работните места, компаниите ја очекуваат поддршката од Владата, која беше ветена, бидејќи бизнисите претрпеа финансиска штета плаќајќи сметки за струја некаде и до шест пати повисоки од минатогодишните, соопштија од Стопанската комора на Северна Македонија.
На компаниите им е потребна извесност и предвидливост, а таа може во овие услови да се обезбеди со неколку работи. Не треба да не залажува моменталната цена на струјата на берзите бидејќи ниедна од причините за нејзин раст во иднина не е елиминирана, се вели во соопштението.
Според согледувањата на комората, државата има тесен маневарски простор за финансиска поддршка на околу 1.600 компании кои се на слободниот пазар на електрична енергија и затоа предлагаат да се разгледа можноста тие средства да се обезбедат преку намалување на непродуктивните трошоци во буџетот, а тие непродуктивни трошоци да се пренаменат за поддршка на компаниите, за зачувување на работните места и за зачувување на нивната конкурентоност на регионалните пазари.
Исто така, од Стопанската комора посочуваат дека е потребно откочување на голем број закони кои се во собраниска процедура, а кои се од интерес за бизнисот и кои можат да ги намалат негативните последици од енергетската криза врз компаниите, како на пример предлог - законот за гаранција на РСМ на обврските по договорот за заем за финансирање на проектот за поддршка на ликвидноста на АД „ЕСМ“ Скопје во услови на енергетска криза, кој треба да се склучи меѓу ЕБОР и ЕСМ (заем во износ до 100 милиони евра); предлог-законот за градење со кој треба да се олеснат постапките за добивање одобрение за градење фотоволтаични централи; Законот за управување со отпад, со цел користење алтернативни извори на енергија, но и Конвенцијата ПЕМ, која е потребно да ја ратификува нашето Собрание бидејќи е од особено значење за бизнис-заедницата.
Понатаму, од најголемата асоцијација на стопанствениците нагласуваат дека е потребно одложување на примената на прогресивното оданочување, кое, во согласност со актуелната даночна регулатива, треба да стапи на сила од 1.1.2023 година, како и да се изнајдат механизми за забрзано носење на подзаконските и на другите акти потребни за користење на енергијата во систем од веќе изградените фотоволтаични централи, која сега се употребува само за сопствени потреби.
На крајот Стопанската комора инсистира Уставниот суд да ја изврши својата функција и да ја оцени уставноста на Законот за работни односи до делот на недела неработен ден, бидејќи се наоѓаме во сосема други услови од времето кога е донесен законот.
Стопанската комора на Северна Македонија, како најголема и најбројна бизнис-заедница, и натаму останува доследна на својата определба да им помогне на компаниите на слободниот пазар на електрична енергија, со кои ја делиме судбината од почетокот на енергетската криза. Комората и натаму ќе биде во дневен контакт со нив, ќе предлага решенија и ќе биде активна и кооперативна за да се дојде до решение, бидејќи е убедена дека тоа е во интерес не само на бизнисот туку и на самата држава, се вели во соопштението.
Реакцијата доаѓа по средбите со компаниите, кои Стопанската комора интензивно ги имаше деновиве, кои покажале дека енергетската криза има силно влијание врз конкурентноста на македонската економија и со тоа компаниите тешко ја одржуваат ценовната ликвидност на своите производи и услуги на странските, но и на домашниот пазар.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.