Агенцијата за поддршка на претприемништвото објави јавен повик за спроведување на бесплатни стандардизирани менторски услуги во мали и средни претпријатија.
Целта на менторските услуги е обезбедување на навремена поддршка на претпријатијата во клучен момент за нивниот понатамошен развој, по методологија развиена и применувана во Јапонија. Корисниците на менторските услуги заедно со менторот ќе работат на анализа на моменталната состојба во која се наоѓа претпријатието, утврдување на клучните сегменти во која е потребна поддршка, преточени во акциски план за надминување на истите, како и помош во решавањето на некои од нив. Mенторите се квалификувани лица со овластување да ги спроведуваат услугите врз основа на успешно завршени менторски обуки од областа на дијагностика на претпријатија, финансиски менаџмент, маркетинг, развој на бизнис план, управување со производство, деловна комуникација и развој на човечки ресурси, информираат од Агенцијата.
Системот на менторски услуги, како што посочуваат, е развиен и стандардизиран во соработка со Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) во 2018 година и се спроведува во соработка со регионалните центри за деловна поддршка во седум региони на територијата на Македонија од каде иницијално доаѓаат и менторите.
Услугата се спроведува веќе четири години, со вкупен опфат од 138 корисници, кои изразија задоволност и оценија дека менторството им помогнало во работењето. Јавниот повик е отворен до 31 мај. Право на учество на јавниот повик имаат микро, мали, средни претпријатија кои се занимаваат со производствени или услужни дејности.
Менторските услуги се бесплатни за избрани корисници кои ги задоволуваат условите и критериумите дефинирани со јавниот повик објавен на интернет страната на Агенцијата: http://www.apprm.gov.mk/Javen_Povik-Mentorstvo
За избраните корисници – постојни претпријатија се одобруваат 50 менторски часови, а за почетните претпријатија 25 менторски часови.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.