Лебот, шеќерот, брашното, зејтинот, млекото, свежото месо, оризот и јајцата ќе се продаваат без ДДВ, информираше денеска премиерот Димитар Ковачевски на прес - конференција каде го соопшти пакетот од вкупно 26 мерки со кои Владата ќе го спречува ценовниот шок.
Ја намалуваме повластената стапка на ДДВ за основните производи за исхрана од 5 на 0%. Основните производи на кои ќе се однесува оваа мерка се леб, шеќер, брашно тип 300, сончогледово масло за јадење, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца. Ги замрзнуваме маржите на основните производи за исхрана. Со оваа мерка спречуваме на наднормален профит,а ќе се влијае на ублажување на влијанието на ценовиот шок врз одбрана категорија на прехранбени производи, рече Ковачевски.
Предвидени се субвенции, односно ваучери за најранливите категории на граѓани за основни производи за исхрана. Тоа се ваучери од 1.000 денари месечно за период од три месеци за околу 35.000 граѓани. Истите би се користеле за купување на основни производи.
Се воведува и автономна мерка за увоз на основни прехранбени производи и суровини кои имаат царински давачки од сите земји.
Ова е дел од пакетот од 26 мерки „тежок“ 400 милиони евра. Пакетот е поделен во две категории: мерки и препораки за заштита на животниот стандард на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите и мерки за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка.
Понатаму, се пролонгира примената на повластената даночна стапка од 5 проценти за прометот со електрична енергија кон домаќинствата со што се ублажува ценовниот удар и се штити стандардот на граѓаните и повластената стапка ќе важи до декември 2022 година. Дадена е препорака за менување на методологијата за утврдување на цената за домаќинства и мали потрошувачи кои се на регулираниот пазар за електрична енергија, односно за нова методологија која ќе обезбеди пониска цена за електричната енергија за домаќинствата кои се најпогодени и за малите потрошувачи.
Се продолжува програмата за енергетска сиромаштија. Оваа мерка вклучува субвенции за потрошувачи за електрична енергија за сите домаќинства корисници, потоа се субвенционираат пензионерите – во износ од 1.000 денари за три месеци за купување на основните производи.
Исто така, се продолжува субвенционирањето на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи.Мерката е активна до јуни 2022 година.
Се субвенционира цената на топлинската енергија, а исто така се финансираат и проекти за енергетска ефикасност за општините преку поволен кредит преку Светска банка.
Една од мерките е и промоција на програми за обновливи извори на енергија во домаќинствата за 2022 година од 30 милиони денари кои ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 киловати за сопствена потрошувачка на домаќинствата.
Ковачевски додаде дека ова не се само еднострани мерки, што се однесуваат само на акциза или на ДДВ, туку се однесувааат и на поддршка на граѓаните од најранливите категории, на поддршка на компаниите за задржување на нивната ликвидност и се однесуваат на мерки за зголемување на можноста за енергетска трансформација на компаниите по најповолни услови односно со субвенционирани каматни стапки.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.