Директните штети од руско-украинската криза ќе бидат загрижувачки, дури и драматични за одредени економски сектори и компании членки на Македонско-руската стопанска комора, а индиректните штети бизнис-секторот и граѓаните веќе ги чувствуваат. Постојан е растот на цените на енергијата, суровините, прехранбените и земјоделските производи на светскиот пазар и од тоа земјава ниту може ниту ќе биде заобиколена, вели за МИА извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев.
Според Бешлиев, состојбите поврзани со кризата се менуваат како во лош филм и сосема станува извесно дека сето тоа сигурно ќе има силно влијание врз македонската економија, а најголеми штети ќе претрпат земјоделско-прехранбената и фармацевтската индустрија бидејќи тие учествуваат со најголем обем во трговската размена со Русија.
Тој оценува дека најавените санкции од македонска страна се во согласност со нејзината позиција и партнерите во меѓународниот поредок.
Потребно е државата што порано да се организира и да преземе мерки за да не се најдеме затечени со оваа светска криза, која од ден на ден расте. Токму кога светската економија почна да излегува од повеќе од двегодишната здравствена криза и да ги залечува „раните”, сега се најде во виорот на руско – украинскиот спор, што е најлоша комбинација за економијата и стандардот на граѓаните, нагласува Бешлиев и додава дека посебно на удар ќе бидат производителите на праски, нектарини, јаболко, рана зелка и други земјоделски производи кои, доколку нешто драматично не се промени, ќе мора да бараат деловни партнери од други земји што воопшто не е едноставно во краток рок иако расте побарувачката на земјоделски производи во светот.
Последните неколку години обемот на трговската размена со Русија се движи околу 200 милиони американски долари и оваа земја е дваесетта по ранг трговски партнер на Република Северна Македонија.
За да бидат работите појасни еве ги бројките од размената. Во 2021 година македонските и руските компании истргуваа стока во висина од 233,5 милиони долари, што е раст од 12,4 отсто и е повисока за 25,7 милиони долари отколку во 2020 година (207,7 милиони долари). Таквиот пораст е постигнат и покрај пандемијата во двете земји и смалените деловни контакти. Меѓутоа, ваквото темпо е задржано токму заради тоа што благодарение на нашата држава не беа воведени санкции за извоз на храна кон Руската Федерација. Во спротивно, македонските компании тешко ќе можеа да извезат стока на овој пазар во висина од 57,1 милион долари (60,3 милиони американски долари во 2020 година), што е пад од 5,4 отсто или вредносно за 3,2 милиона долари помалку од преклани. (Притоа, извозот беше посиромашен поради измрзнатиот род на праските, нектарините, кајсиите кои традиционално се пласираат на рускиот пазар). Ваквата релативно скромна трговска размена со овој голем пазар на прв поглед сугерира дека директните штети не би биле кој знае колку големи. Меѓутоа, ако сега се погледне структурата на македонскиот извоз во оваа земја во кој доминираат целосно македонски производи без какви било увозни елементи или доработки, тогаш е јасно дека директните штети, сепак, ќе бидат загрижувачки, дури и драматични за одредени економски сектори и компании – членки на Македонско-руската стопанска комора, подвлекува Бешлиев.
Трговијата, вели извршниот директор, доминира во економските релации со Руската Федерација во изминатиот период. Но, изостанало формирањето мешовити компании, посериозни странски директни инвестиции или соработка на полето на заеднички производи за извоз на трети пазари. Исто така, мал е бројот на македонските компани кои имаат свои претставништва во Руската Федерација и сите сега ќе мора да наоѓаат решенија за пронаоѓање купувачи на други пазари.
Најавените санкции од македонска страна се во согласност со нејзините позиција и партнери во меѓународниот поредок. Меѓутоа, и покрај фактот дека е нецелосно исклучувањето на Руската Федерација од банкарскиот систем СВИФТ за меѓународни плаќања едноставно ќе ја замрзнат целата трговија и економските односи со оваа земја. Ако се има предвид дека Република Северна Македонија е целосно зависна од рускиот гас, значителен увозник и на други енергенти, суровини може да се предвиди какви ќе бидат последиците за македонските компании и директно ќе се одразат и врз стандардот на граѓаните, истакнува Бешлиев.
Според него, прекинот на трговските односи ќе ги наруши и односите меѓу деловните луѓе од двете земји кои внимателно и макотрпно се развиваа во изминатите години.
Сигурно е дека во меѓувреме руските партнери ќе пронајдат замена за македонските производи во Кина, други азиски земји и многу тешко ќе биде по сите овие случувања враќањето на овој голем пазар. Но, највредно нешто сепак е да се воспостави мир, а потоа бизнисот и европскиот и нашиот со сите сили ќе се потруди да се обнови соработката. Ние како Македонска руска стопанска комора ќе се потрудиме да дадеме придонес кон обнова на таа соработка, заклучува Бешлиев во кусиот разговор за МИА.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.