„Жито Пром“ – Гевгелија е единствената македонска компанија која ги претставува своите производи на ГУЛФУД 2022 (GulFood) во Дубаи, најголемиот саем за храна и пијалоци во светот.
„Жито Пром“ во светскиот трговски центар во Дубаи, се претставува со своите производи од брендот 4U: кроасани, конвенционални колачи, како и новата линија функционални колачи кои спаѓаат во категоријата здрава храна. Функционалните колачи се правени според светските стандарди за производство на храна, со следење на побарувањата на популацијата која практикува здрава исхрана. Како иновативен македонски производ, оваа линија од колачите 4U беше поддржана и од ФИТР.
Процедурата за пријава за учество во Дубаи е прилично сложена, понекогаш трае и со години. Среќни сме што годинава имаме можност да бидеме дел од најголемото случување за прехранбената индустрија и што нашите производи од брендот 4U се „во друштво“ со најпознатите светски брендови на храна и пијалоци. Минатата година ја промовиравме функционалната линија колачи 4U, продолжуваме со нејзино позиционирање на домашниот и влез на нови пазари. Нашите заложби и понатаму се вложување во техолошко-производствените капацитети и следење на светските стандарди за квалитет, изјави Татјана Танева Новаковска, менаџерка на „Жито Пром“.
Гулфуд е најголемиот годишен настан што на едно место ги собира сите производители на храна и пијалоци од светот. Годинава се одржува од 13 до 17 февруари со учество на повеќе од 4000 компании од 120 земји. Традиционално, на листата на специјални гости се наоѓаат светски познати и наградувани готвачи (шефови), бизнис лидери, популарни говорници и претставници на многу влади. Токму затоа, Гулфуд важи за место кое ги диктира светските трендови во храната и гастрономијата и има огромно влијание на вкусот на луѓето од сите континенти.
„Жито Пром“ – Гевгелија е семејна компанија која во прехранбената индустрија работи повеќе од 25 години.
Се вчитува следна вест...