Македонија

Македонски компании на саемот ISM 2022 во Келн

02 Feb 2022

Вкупно шест македонски компании изложуваа на „најслаткиот саем во светот“, саемот ISM 2022 во Келн, Германија, кој почна на 30 јануари и трае до денеска, 2 февруари.

Своите производи ги изложија „Витаминка“, „Макпромет“, „Макпрогрес“, „Виталиа“, „Лион“ и „Макс фуд“.

Годинава, иако под пресија на пандемијата, со програмата, учесниците, активностите и можностите што ги нуди, ISM Келн уште еднаш си ја потврди репутацијата како најзначајно место за промовирање на еден производител. „Витаминка“ е редовен изложувач тука и во досегашното искуство сме се увериле во придобивките и реалните резултати. Истовремено, со нашата разновидна, богата и квалитетна понуда високо се позиционираме во нивото на производители и изложувачи присутни тука, вели Љупчо Велески, директор за извоз во „Витаминка“.

Од „Макпрогрес“ информираа дека како компанија со интернационално портфолио и оваа година успешно се претставуваат со нивните брендови Vincinni и Donia како и новитетите кои следуваат наскоро на пазарот за потрошувачите.

ISM Келн е најголем светски саем специјализиран за кондиторија. Тука изложуваат најзначајните фирми од оваа индустрија и доаѓаат посетители од целиот свет. Оваа година на саемот во Келн учествуваат повеќе од 1.800 производители од 76 земји од светот, а се очекуваат повеќе од 38.000 посетители од индустријата и сегментот кондиторија од сите страни на светот.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...