Во Стопанската комора на Северна Македонија се одржа работна средба на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, и претставници од организационата целина за претставување на членките и вмрежување при Стопанската комора на Северна Македонија со претставници на Министерството за труд и социјална политика и Кабинетот на потпретседателот за економски прашања при Владата.
Оваа средба беше реализирана како заклучок од редовната квартална средба на Асоцијацијата со потпретседателот на Владата за економски прашања Битиќи и економскиот тим, а кој подразбираше формирање на работна група со цел олеснување на подготовката на подзаконскиот акт, произлезен од измените на Законот за работни односи во делот на воведување на денот Недела како неработен ден, а со кој би се дефинирале дејностите и работите кои не би можеле да бидат прекинати заради непречено обавување на дејноста на компаниите. Во конструктивна дискусија се разговараше за потребите и процесите на компаниите од Асоцијацијата, но и другите компании, членки на Комората, кои не смеат да го нарушат континуитетот на технолошкиот процес во целост, а кои се дефинирани како помошни или поддржувачки процеси. Истите треба да бидат вклучени во подзаконскиот акт кој би произлегол од измените на горенаведениот закон, а кој треба да има апликативна примена од 01.10.2021 година, наведено е во соопштението.
Беше донесен заклучок, посочено е таму, што е можно попрецизно да се определат сите помошни и придружни дејности, односно работи во рамките на главната/претежната дејност, со цел одржување на континуитет во работењето.
Овие предлози, дадени од Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство и Советот на странски инвестиции, но и од сите индустриски гранки, генерално, претставени преку Стопанската комора, ќе бидат доставени до крајот на месецов до Министерството за труд и социјална политика, како и до Кабинетот за економски прашања при Владата. На средбата на претставниците од надлежните институции им беше пренесено очекувањето предлог подзаконскиот акт да биде доставен на разгледување до сите засегнати субјекти до средина на месец август, а за да има доволно време до неговата целосната имплементација за доработка или до прецизирање кое би било во насока на негова ефикасна употреба и разбирање, од страна на сите инволвирани страни, соопшти Стопанската комора.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.