Македонија

И годинава ќе продолжи поддршката за компаниите и за граѓаните

13 јул 2021

Владата преку разни економски мерки во текот на 2021 година ќе ја продолжи таргетираната поддршка за стопанството и за ранливите категории на граѓани, најави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференција во Владата. 

Тој посочи дека во услови на периодични бранови на пандемија, огромен предизвик за нашата и за економиите од регионот ќе биде да тргнат повторно по патот на закрепнување и раст. 

Затоа треба да бидеме многу внимателни, да не ја прекинуваме нагло поддршката, туку постепено и насочено. Преку разни економски мерки таа продолжува во текот на 2021 година, со финализирање на претходните и спроведување на нови – две групи насочени кон ублажување на ефектите од пандемијата врз најранливите и поддршка на побрзо закрепнување на домашната економија. Во оваа насока ќе обезбедиме таргетирана привремена фискална поддршка за стопанството и ранливата категорија домаќинства, како една од препораките во делот на заедничките заклучоци, рече Бесими.

Како што нагласи, веќе се работи и на реализација на дел од другите препораки произлезени од годишниот дијалог за економски политики на земјите од Западен Балкан и Турција со земјите-членки на ЕУ и Европската централна банка што се одржа вчера. Приоритет ќе се даде и на спроведувањето на Стратегијата за формализирање на неформалната економија, како и на новиот начин на финансирање на средното стручно образование и обуката.

За ова да го постигнеме ќе развиеме нова формула за финансирање на системот за стручно и за високо образование, со акцент на функционирањето на Регионалните центри за стручно образование. Притоа ќе го зајакнеме пристапот до активните политики за пазарот на труд, особено за нискоквалификувани невработени лица и лица од ранливите категории. Воедно ќе го зајакнеме капацитетот на соработката помеѓу агенциите за вработување и центрите за социјална работа со цел да се обезбедат интегрирани услуги и мерки за подобрување на инклузијата на пазарот на труд, рече Бесими.

Програмата за економски реформи, која е најважниот стратешки документ во економскиот дијалог со Европската комисија и државите-членки на ЕУ предвидува растот да достигне 5,9 проценти во 2025 година, при што просечниот раст на годишно ниво во периодот 2021-2025 да изнесува 5,3 проценти.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...