Македонија

Гарантен фонд за кредитите на фирмите до 500.000 евра

06 Jul 2021

Гарантниот фонд ќе гарантира кредити до 500 илјади евра за микро, мали и средни претпријатија, како и големи трговци чии приходи по основ на извоз учествуваат најмалку со 30 отсто во вкупните остварени приходи.

Договор помеѓу Владата и Развојната банка за издавање на гаранции преку Гарантниот фонд веќе е потпишан, а наскоро се очекува и потпишување на договорите помеѓу Развојната банка и комерцијалните банки и штедилници. 

Еден од инструментите во Планот за финансирање на заздравување и забрзан раст е Гарантниот фонд, преку кој ќе се спроведе државната гарантна шема. Неодамна потпишавме договор со Развојна за Гарантниот фонд, од кој ќе се издаваат гаранции за новоодобрени кредити од банки и штедилници кои ќе им бидат од полза на микро, малите и средни претпријатија и на големите трговци кои вршат извоз, за непречено финансирање на тековните активности, како и на издржани бизнис проекти за купување на основни  средства. Наскоро се очекува и потпишување на договорите помеѓу Развојната банка и комерцијалните банки и штедилници кои ќе пројават интерес за овој инструмент. Со обезбедувањето на гаранциите, сметаме дека ќе се охрабрат банките и штедилниците да ја зголемат понудата на поволни кредити за компаниите, а истовремено ќе се намали ризикот на нивниот пласман, najavi министерот за финансии Фатмир Бесими.

Преку Гарантниот фонд е предвидено да се издаваат портфолио гаранции за микро, мали и средни фирми и индивидуални гаранции за големи трговци кои вршат извоз. Со гаранциите ќе се гарантира за главницата на новоодобрени кредити за обртни и основни средства дадени од банки и штедилници кон приватниот сектор. За да станат дел од гарантната шема, банките и штедилниците, треба да имаат адекватност на капиталот од минимум 12%, позитивен финансиски резултат во последната година и кредитно портфолио кое најмалку 70% е класифицирано во А и Б категорија. 

За портфолио гаранциите, кои се наменети за микро, мали и средни трговски друштва, ќе се гарантираат кредити од 300.000 до 30.750.000 денари, со рок на отплата од една до 8 години со вклучен грејс период до 1 година за основни средства, и со рок на отплата од една до 3 години со вклучен грејс период до 1 година за обртни средства. Износот на гаранциите кај портфолио гаранциите е предвидено да биде до 80% од кредитите за обртни средства и до 50% од кредитите за основни средства. За индивидуалните гаранции кои се однесуваат на големи трговци чии приходи по основ на извоз учествуваат најмалку 30% во вкупните остварени приходи, ќе се гарантираат кредити од 3.075.000 до 30.000.000 денари, при што износот на гаранцијата може да биде максимум до 50% од главницата на кредитот, вели Бесими.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...