Добрите економски и билатерални односи меѓу Србија и Македонија може дополнително да се унапредат со јакнење на динамиката и темпото на работа за изедначување на деловното опкружување и постигнување поголема вредност на регионот како една дестинација за инвестирање пред меѓународните пазари и институции, вели во интервју за „Вечерни новости“ претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија и ко-престедател на Коморскиот инвестициски форум, Бранко Азески.
Србија е трет трговски партнер на Македонија, веднаш зад Германија и Велика Британија. Во 2020 година реализирана е трговска размена меѓу двете земји во вредност од 781,4 милиони долари што е за 8,6% помалку поради корона кризата.
Постои голем потенцијал за зајакнување на соработката меѓу бизнис секторот, особено во областа на иновациите, новите технологии, подобрувањето на услугите и производите за полесен пристап до трети пазари. Традиционалните сектори во кои економските врски се добри, но исто така можат да бидат и поинтензивни, се земјоделско-прехранбената, металната и електричната индустрија, како и фармацијата. Охрабрувачки е податокот дека во првите месеци од 2021 година трговијата расте. Целта е да се удвои и да се врати на нивото од 2008 година, кога била реализирана трговска размена во вкупна вредност од 1,5 милијарди долари, кажа Азески.
Еден од општите предуслови за поттикнување и продлабочување на трговско-економската соработка во регионот е развиената патна и железничка инфраструктура, како што е автопатот низ Грделичката клисура и изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.