Македонија

Стопанските комори бараат стратегија и поддршка

24 мар 2021

Потребни се вложувања, конкретни мерки и постојана комуникација

Стопанска комора на Македонија

Во текот на здравствено-економската криза со Ковид-19, работата на земјоделско-прехранбениот сектор беше само забавена поради новите правила за ограничување на движењето. Најголемите предизвици со кои се соочуваше земјоделско-прехранбениот сектор се однесуваа на организацијата и на логистиката на увозот и на извозот на производите, како и на организацијата на тековните земјоделски и производствени процеси кај претпријатијата поради ограниченото работно време и движење. Високи 50,98% од претпријатија се сочуваат со откажување/одложување на склучени нарачки, што укажува на големо влијание на кризата со Ковид-19 врз претпријатијата. Загубите на земјоделско-прехранбениот сектор во првиот квартал од 2020 година, во споредба со првиот квартал од 2019 г., се проценети на 22-40% и за сметка на тоа секторот во 2020 година очекува намалена профитабилност за 41-60%.

Можностите за поголем придонес на оваа дејност во националната економија се значително поголеми затоа што расположливите потенцијали во земјоделството не се целосно искористени, и покрај традицијата во овој сектор, како и поволните климатски услови. Повеќе од една третина од земјоделското обработливо земјиште не се обработува. Субвенциите, кои почнаа да се исплаќаат од 2007 година, не ги дадоа саканите ефекти – наместо како развојна нота, тие беа искористени како социјално-политичка алатка. Создавањето конкурентен земјоделско-прехранбен сектор, кој ќе ги искористи компаративните предности на Република Северна Македонија, бара доследно спроведување на сеопфатни мерки во повеќе области, вклучувајќи ефектни земјишни политики, финансирање, преструктурирање на земјоделското производство во насока на производи со дефицит на високи примања и ефективен пазар кој обезбедува соодветна средина за техничките и за претприемачките вештини на домашните фармери. Целта е да се зајакне свеста за македонските земјоделски и прехранбени производи чии имиња се заштитени со оригинални ознаки за потекло и со заштитни географски ознаки или загарантирани традиционални специјалности, со цел да се зголеми нивната побарувачка, да се зголеми интересот на производителите за започнување производство на заштитени производи, да се постигне нивно подобро позиционирање и да се спречи злоупотреба на заштитени имиња на пазарот. На Македонија ѝ недостигаат економски одржливи рурални заедници, кои ќе придонесат во развојот на македонското земјоделство и во пласманот на македонските производи на странските пазари. Предлог-буџетот за секторот земјоделство предвидува мерки и политики кои се во насока на унапредување на земјоделството, преку зголемување на обработливите површини и преку создавање услови за модерно и за конкурентно земјоделско производство. Најголемиот дел од предвидените средства се наменети за Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и во руралниот развој, како институција преку која се исплаќа финансиската поддршка за земјоделството, преку директните плаќања од програмата за рурален развој и од програмата ИПАРД. Се планира во насока на инвестирање во модерно земјоделство, со конкурентни производи и цени на странските пазари. Овој тип поддршка има цел отворање/рестартирање на преработувачките капацитети во државата; пласман на финални производи со додадена вредност; подобрување на капацитетите во руралните средини и овозможување услови за развој на руралниот туризам; задржување на традиционалното селско семејство и негова поддршка за инвестирање во земјоделството; поддршка и поттикнување земјоделско здружување; промоција на македонските земјоделски производи; инвестиции во примарното земјоделство и промоција на органска фарма.

Високи 50,98% од претпријатија се сочуваат со откажување/одложување на склучени нарачки, што укажува на големо влијание на кризата со Ковид-19 врз претпријатијата. Загубите на земјоделско-прехранбениот сектор во првиот квартал од 2020 година, во споредба со првиот квартал од 2019 г., се проценети на 22-40% и за сметка на тоа секторот во 2020 година очекува намалена профитабилност за 41-60%.

Потребни се средства и за развој на инфраструктурните капацитети за развој на земјоделството (инвестиции во системи за наводнување, во модерни мелиоративни системи насекаде низ државата, во изградба на брани, во регулирање водни корита итн.). Неопходно е да се спроведат активности поврзани со промените во животната средина, за во еден догледен период да може да се видат резултатите од добрата земјоделска практика, а и да се подигне свеста на населението за значењето на можностите што ги дава Македонија за производство на здравствено безбедна храна. Притоа, особено внимание треба да му се посвети на приспособувањето кон климатските промени (како во растителното така и во анималното производство), контролираното управување со водните ресурси, биоенергијата и кон биодиверзитетот во државата.

Земјоделството е важен сектор кој го држи народот за земјата. Потребна е стратегија за развој на агросекторот, особено во делот на сточарството, кој е, пак, основа за развој и на преработувачката индустрија. Треба да се постави граница во делот на фармерството и да се поддржат професионалните фармери. Состојбата во моментов е драматична. Имаме климатски промени со големи удари врз земјоделското производство. Оттука се наметнува потребата за интензивно вложување, пред сѐ, во делот на наводнувањето. Потребни се вложувања во преработувачките капацитети, конкретни мерки за финансирање во земјоделството, а комуникацијата меѓу Комората, Владата и земјоделците да биде постојана. Истовремено, потребно е бизнис-секторот да ѝ даде целосна поддршка на науката, преку стипендирање завршен кадар и преку заедничко учество во проекти, а со цел задржување на младите луѓе во земјата.

И покрај расположливиот неискористен потенцијал на обработливо земјоделско земјиште и пасишта, земјата е нето-увозник на земјоделски и на прехранбени производи, што се согледува во разликата меѓу увозот и извозот во изминатите години. Од некогаш голем извозник на земјоделски производи во регионот, денес на домашниот пазар сѐ повеќе може да се најдат производи од увоз, како од земјите од регионот така и од некои нетрадиционални производители, кои во меѓувреме, преку реформи и инвестиции во агросекторот, станаа важни субјекти во овој сегмент.

Државната поддршка е неопходна

Дрилон Исени, извршен директор на Стопанска комора на Северозападна Македонија

Нивото на извозот во 2021 ќе зависи од многу фактори. Многу држави од Западна Европа, но и подалеку, како Канада и САД, размислуваат за таканаречениот „протекционизам“, преку кој ќе се обидат да ги помогнат производствените компании во тие држави. Тоа не значи дека тие нема да увезуваат, но претставува предизвик за сите компании од други држави што извезуваат кон тие дестинации, особено за мали економии како нашите. Исто така, многу производствени компании во нашата земја ги намалија капацитетите поради кризата, и тоа ќе се рефлектира врз целокупниот резултат на извозот за 2021. Сепак, очекувањата се дека ќе биде подобра економска година од 2020, но државата ќе треба да ги поддржи произведувачите и преработувачката индустрија бидејќи во 2020 само извозниците на прехранбени производи не претрпеа многу од кризата, особено тие што извезуваат зеленчук и овошје, кои бележеа пораст на извоз од дури 4,9% отсто во споредба со 2019.

Зголемувањето на учеството на домашните производи во пазарот како процес е комплексен имајќи предвид дека не секогаш е исплатливо да се произведува за мал пазар, во зависност од тоа што се произведува. Но, тоа оди паралелно со менталитетот на произведувачите, кои ќе треба да се трансформираат што е можно повеќе со цел зголемување на конкурентноста, а со тоа и квалитетот на нивните производи и услуги.

Државната поддршка е неопходна за произведувачите, и поради таа причина во процесот на дијалогот со Владата, секогаш сме побарале да се поддржат и помогнат. Но, сепак, многу фактори влијаат врз нивото на производство, затоа со зголемување на квалитетот на производите се овозможува полесен пристап и до странските пазари.

Нема драматични падови кај секторот „храна“

Проф. д-р Марјан Петрески

Во текот на 2020 година индустриското производство бележеше големи падови, со тоа што најголемиот удар беше во првите месеци од пандемијата, а потоа текот на производството се подобруваше до крајот на годината. Сепак,  2020 г. заврши со пад на индустриското производство, споредено со 2019, од близу 10%. Ако се погледне според гранки, се забележува дека најголем дел од нив искусиле падови, дури и поголеми од 20%, како што е тој кај кожарската индустрија. Што се однесува до прехранбената индустрија, таа забележа помал пад, нешто под 5%, што е и логично бидејќи населението се воздржуваше во текот на пандемијата од генерална потрошувачка, но побарувачката за прехранбени производи не се промени значајно. Кај други гранки, пак, побарувачката се зголеми, како што е кај фармацевтската индустрија и хемиската индустрија, поради што тие и искусија пораст во 2020.

Ако се набљудува трговијата со храна и пијалаци, таа во 2020 забележа пад од 3,9%, меѓутоа, тој пад е најмал во сегментот трговија. На пример, падот кај трговијата со непрехранбени производи е 10,2%, кај трговијата на големо е 35,2% и сл. Значи, севкупно земено, секторот храна во текот на пандемијата не беше одминат, но не се соочи ниту со драматични падови како кај другите сектори.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...