Над 300 работодавачи до 2 февруари, односно по исплатата на државната помош за исплата на плати, досега не им ги исплатиле парите на своите работници, информираше Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи(УЈП).
До нив се доставени опомени, а по истекот на рокот ќе следи постапка на присилна наплата со блокада на нивните трансакциски сметки и пренос на средствата на сметките на работниците.
Станува збор за износ од 16,3 милиони денари, кој што им се должи на 992 вработени, бидејќи управителите не ја исполниле обврската за исплата на плата. Речиси една третина или 78 од претпријатијата се од дејноста трговија на мало. Секој управител треба да знае дека кривично ќе одговара, бидејќи тој стои зад веродостојноста на податоците која ги дава секоја компанија кога аплицира за оваа помош, рече директорката на УЈП.
Од првиот циклус на исплата на помош за плати, 109 компании за април, мај и јуни не исплатиле и кај нив се извршени контроли заедно со Државниот инспекторат за труд , за што следната недела, ќе има заедничко известување од епилогот.
Инаку, за декември 13.160 работодавачи, добиле 961 милиони денари државна помош за исплата на платите за тој месец.
Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека компаниите кои веќе ја злоупотребиле финансиската помош од Владата нема да имаат можност за да аплицираат за нова мерка.
Тие компании кои злоупотребувале средства од првите четири сета на економски мерки, нема да добијат веќе помош од страна на државата, порача Бектеши.Според него, треба да се постават критериуми при аплицирање за мерките.
Доколку треба нивните вработени ќе ги згрижи Владата директно, како што најави и Лукаревска денеска со блокирање на нивните сметки и со префрлување на средствата директно на вработените во тие компании, рече тој.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.